Дело на рускиот сликар Василиј Кандински би можело да достигне рекордна цена на аукција во Лондон за неколку недели. Зад продажбата стои семејна приказна за трагедија и херојство, раскажана во семејни мемоари, пишува Стивен Смит за Би-би-си.
Мемоарите започнуваат со седумгодишно девојче што се крие во тајна соба, а неговата дадилка му вели да молчи и дека никој не треба да знае дека е таму.
Доли е Еврејка во окупираниот Амстердам во 1943 година. Нејзината приказна необично се совпаѓа со добро познатата воена историја на Ана Франк, која во исто време се крие во куќа оддалечена само три километри. Семејството на Ана беше заробено во август 1944 година и испратено во Аушвиц, а родителите и бабата на Доли исто така беа убиени во Аушвиц. Приказната на Доли за тоа како ја преживеала војната се наоѓа во необјавени мемоари, а нејзината приказна е поврзана со уметничкото дело. Модернистичкото ремек-дело е во центарот на кампањата за воспоставување на правата на семејството на Доли за уметничката колекција што ја изгубило во војната.
Сликата ќе се најде на продажба за неколку недели, а се предвидува дека би можела да достигне цена од повеќе од 40.000 евра, што наедно е и највисоката сума што Кандински ја постигнал досега.
Делото што го насликал рускиот мајстор Василиј Кандински во 1910 година некогаш се наоѓало во елегантната вила во Потсдам, каде што живееле бабата и дедото на Доли, а една стара семејна фотографија покажува дека Кандински имал почесно место во трпезаријата на Зигберт и Јохана Маргарет Стерн. Пред околу сто години, тие создале успешна текстилна компанија и се поврзале со некои од највлијателните писатели и мислители на нивното време, како Томас Ман, Франц Кафка и Алберт Ајнштајн. Двојката ја ценела уметноста, а големата колекција вклучувала слики од стари холандски мајстори, од Реноар до Мунк и Кандински. Во 1916 година, тие помогнале да се основа организација за помош на Евреите што избегале од Источна Европа и живееле во сиромаштија во Германија. Со подемот на нацистите, Стерн станал цел на прогон, а по смртта на Зигберт во 1935 година, животот станал сè потежок. Некои од нивните деца веќе заминале за Холандија, а потоа и Јохана Маргарет, која понела со себе дел од сликите.
Како и многу еврејски семејства, Стерн собирале средства продавајќи им скапоцена уметност по поволни цени на бескрупулозните дилери. Кога Амстердам бил ослободен во 1945 година, Доли конечно можела да излезе од скривалиштето. Официјалните холандски документи покажуваат дека таа живеела со својата дадилка Ана за време на окупацијата. Помладите членови на нејзиното семејство се обидуваат да откријат каде се наоѓа исчезнатата уметничка колекција на Стерн. Во 2013 година откриле дека во музејот во Ајндховен има дело на Кандински, кое е таму од 1951 година. Кустосите повторно ја погледнале сликата и го нашле зборот „Ландшафт“ на задниот дел од сликата. Тоа е истата формулација што Зигерт ја користел за записот на Кандински во неговиот тестамент, а ракописот се совпаѓал со неговиот. Доли умрела пред да биде потврдено откритието, но знаела дека нејзиното семејство е на трагата на изгубеното ремек-дело. По долга потрага, делото конечно му е предадено на семејството. Ќе се продава во аукциската куќа „Сотби“ во Лондон следниот месец. Приходите ќе бидат поделени меѓу 13-те преживеани наследници на Стерн, а дел ќе се инвестира во истражување на судбината на преостанатите слики што исчезнале.