„Фантазија“ е насловен годинашниот традиционален концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи вечерва, во 20. 30 часот, во Градскиот парк. На програмата е музика од анимирани филмови од продукцијата на „Дизни“, а диригент е Тимоти Редмонд од Велика Британија. Како солисти ќе настапат сопранистката Биљана Јосифов, тенорот Денис Димоски и бас-баритонот Иван Наумовски.
– Оваа година на концертот насловен „Фантазија“ ќе се изведе музика од најубавите анимирани филмови, преку избор на композиции од „Малечката сирена“, „Убавицата и ѕверот“, „Херкулес“, „Покахонтас“, „Аладин“, „Книга од џунглата“, „Снежно кралство“, „Кралот лав“, „Приказна за играчките“… Насловот на концертот е извлечен од истоимениот анимиран филм „Фантазија“ во кој дејстивието се гради на осум класични музички дела во изведба на Филхармонискиот оркестар од Филаделфија под диригентската палка на Леополд Стоковски – вели Мустафа Имери, директор на Македонската филхармонија.

Програмскиот концепт е наменет за широк круг на публика, музиката од овие филмови е безвременска, како што се и самите филмови со кои израснаа, и сѐ уште растат новите генерации.
– Волшебната атмосфера што извира од самиот наратив на приказните уште повеќе се потенцира и преку музиката, која сама по себе претставува посебна независна приказна. Штом ќе ги чуете песните, веднаш знаете за кој филм станува збор – тоа е потврда дека станува збор за музички ремек-дела што функционираат и самостојно, како посебни фрагменти што се врзуваат со овие филмови – вели Имери.
Музичката изведба ќе биде дополнета и со видеофрагменти од филмовите и со специјално осветлување, кое на публиката ќе ѝ понуди уште едно незаборавно доживување под отворено ѕвездено небо со оркестарот на Македонската филхармонија.

Светот на Дизни е полн со фантазија и фантастична музика, вели диригентот Тимоти Редмонд од Британија.
– Ова е музика што зборува со сите генерации, нѐ враќа во нашето детство. Сите сме ги гледале овие филмови, а сега ќе имаме можност да ја чуеме само музиката, преку феноменалната оркестрација и преку звукот на оркестарот и солистите. Уживаме во целиот проект, секоја композиција буди различни емоции, одлично течат пробите, ќе имаме одличен концерт во петок – вели Редмонд.

Солистите Биљана Јосифов и Иван Наумовски истакнаа дека ова е уникатна можност да излезат од класичните рамки на оперското пеење и да се претстават пред публиката преку нов израз.