Познатиот виенски музеј „Леополд“ влегува во светот на НФТ, т.е. дигитален незаменлив токен со 24 ексклузивни дела на еден од најзначајните претставници на австрискиот експресионизам, Егон Шиле. Градот Виена соопшти дека станува збор за средства во дигитална форма што се криптографски заштитени и уникатни и не можат да се заменат со друг токен. Меѓу делата е и спектакуларното импресионистичко дело „Леополд Чихачек на пијано“ од 1907 година, кое го прикажува вујкото на Шиле, а се сметало за изгубено повеќе од 100 години. Пронајдено е во приватна виенска колекција кога неговиот сопственик побарал совет за реставрација. Благодарение на соработката со платформата „Ла колекшн“ и австриската пошта, музејот ги пушти во продажба делата во форма на жетони од 16 до 26 мај. Приходите од продажбата на музејот ќе бидат вложени во реставрација, конзервација и откуп на уметнички дела, вклучувајќи и реставрација на пронајдената слика.
Дигиталните токени ќе бидат поделени во три категории. Три дела од категоријата исклучително ретки примероци со само две изданија ќе бидат понудени по почетна цена од 100.000 евра, додека десет слики од категоријата многу ретки примероци од десет изданија ќе бидат достапни по почетна цена од 15.000 евра. Единаесет ретки примероци (100 изданија) ќе се продаваат на аукција по цена од 499 евра. Еден примерок од секое дело ќе остане во сопственост на музејот во форма на НФТ. Меѓу сликите ќе бидат и некои од најпознатите дела на Шиле како „Автопортрет со кинески фенер“ (1912) и „Портрет на Воли Нојзил“ (1912).
– Пандемијата ги забрза процесите на дигитализација во уметноста, а НФТ стана составен дел на многу воспоставени колекции на класичната уметност. Уметничката колекција е подостапна за пошироката публика, која го препознава огромниот потенцијал на незаменливите токени во уметноста. Уметничкото дело на Шиле, како НФТ, ни овозможува трајно да ги зачуваме музејските богатства во дигиталниот свет, како и да стапиме во контакт со луѓе што сè уште не го посетиле виенскиот музеј – вели Ханс-Петер Виплингер, директор на музејот „Леополд“. Збирката на музејот опфаќа повеќе од 6.000 дела и претставува една од најважните светски збирки на австриски уметници од втората половина на 19 век, како и модерни.