„AKTO 19“, фестивал за современи уметности
Месецов започнува 19-то издание на фестивалот за современи уметности АКТО и ќе се одвива во текот на целата година. Новото издание продолжува на линија на минатогодишното „Јавни простори во движење (кон) 2“ и се отвора со низа мурали на кои работат тројца млади уметници, а е предвидено да се изработат низ различни градови во државата, опфаќајќи тематики во духот на солидарноста на заедницата.
Првиот мурал, кој е веќе завршен, се наоѓа во Скопје на зградата бр. 33, на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“. На него работеа уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски.
– Во центарот на Скопје, на зградата бр. 33, на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ од пред околу 30 години беше ставен голем рекламен материјал, кој заедно со фасадата веќе одамна беше во разрушена состојба. Затоа, поткрепени со оптимистичката поддршка и ентузијазам на станарите во зградата, заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски, почнавме акција за обновување на заборавениот ѕид, со цел да остане визуелна игра, но и значаен потсетник во строгиот центар на градот. Идејата зад овој мурал не беше само да се обнови фасадата на зградата, ниту пак во фокусот беше да се претстави само визуелно решение, туку да се создаде потсетник за важноста на солидарноста во општеството. Играта со архитектурата е замислена да оствари директна комуникација со самите случајни минувачи во секојдневието – тие што се упатени кон (или, пак, заминуваат од) работа, училиште, факултет, пазарување, прошетки. Mинувачи пронајдени во самиот визуелен изглед на муралот што ја носи главната порака, која гласи: „Големината на заедницата најпрецизно се мери преку солидарните постапки на нејзините членови“.
Оваа порака од Корета Скот Кинг (авторка, активистка и лидерка на граѓански права) се упатува кон многуте заедници, кои го оформуваат разновидниот карактер на општеството, а истите тие за да опстанат зависат во голема мера од солидарните и добронамерни постапки токму од нејзините членови. Затоа, не случајно оваа мисла е носечката порака на првиот мурал, таа служи како потсетник дека токму членовите се одговорни за градењето меѓусебно разбирање, толеранција и заеднички борби за создавање подобри и поздрави услови на живеење, овозможувајќи поддршка и слободно заедничко творештво – не само во културата и уметноста туку и пошироко во рамките на општеството во кое живееме – велат организаторите.
Од АКТО сметаат дека овие уметнички практики можат повторно да создадат јавен простор преку борбите за правата и во блиска врска со општествените движења, или дури и да ги стимулира во моменти кога се чини дека се слаби.
Фестивалот АКТО е во организација на здружението „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ) и во текот на годинава во своите рамки ќе продуцира повеќе настани во земјава и во странство. В.Д.