Изложбата „Горчлив шеќер“ на Ѓорѓе Јовановиќ во МСУ

Изложбата „Горчлив шеќер“ на македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ ќе биде поставена на 19 септември, во 20 часот, во Музејот на современата уметност.
Куратори на овој комплексен мултимедијален проект се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.
Проектот е составен од два дела, просторна инсталација и анимации и
видеа, осмислени како фрагменти од актуелната стварност и современиот
живот, кои во себе содржат знаци, состојби и ситуации, кои истовремено
функционираат во преиспитувањето на локалниот контекст, но овозможуваат и исчитување на влијанијата и меѓузависноста во глобалните текови. Замислен како „тотално уметничко дело“, овој проект преку богат иконографски фундус и комплексна мрежа од релации и комбинирање на неколку уметнички дисциплини (визуелна уметност и експериментален филм, анимации и музика) се фокусира на продлабочувањето на врските помеѓу овие уметнички форми, како и истражувањето на можностите за создавање нови уметнички содржини. Јовановиќ преку овој проект прави интегрирање на целокупната негова творечка практика, која опфаќа најразновидни изразни форми и медиуми од цртеж и инсталација, до перформативност и интерактивност.

– Проектот претставува синтеза и надградување на искуствата на историската авангарда, особено на дадаистичките и надреалистичките интервенции, во обид да ги трансформира и употреби во современиот контекст, обременет со предизвиците на (пост)пандемиска политичка и технолошка реалност. Преплетувањето на реалното и надреалното и екстремните точки на нивното среќавање се одразува и преку спојувањето на разните жанрови. Во просторната инсталација, која ја сочинуваат огромен број слики и објекти, како и анимациите што ја активираат, Јовановиќ создава повеќедимензионална наративна мрежа низ која многубројните протагонисти и различните состојби во кои се наоѓаат се трансформираат на едно друго ниво, како тотална слика за хаотичната современост – велат кураторите Јанчевски и Варошанец.
Анимираните видеа се колекција од поетични, хумористични и трагикомични приказни работени според раскази од неколку претставници на поновата генерација македонски писатели (Румена Бужаровска, Петар Андоновски, Алекс Букарски…), како и идеи на Јовановиќ. Во нивниот фокус се неизвесноста, игноранцијата, преку лични приказни, трагедии и неволји на луѓето на маргините и преку прикажување на екстремите на човековото однесување во борбата и разбивањeто на стереотипите во патријархалното општество и потрагата по правда и слобода. Овој проект, преку повеќеслојна и мултисензорна уметничка интервенција има цел да отвори простор за преиспитување на меѓучовечките релации и да проговори за состојбите на локално и глобално ниво во услови на сложена општествена ситуација, која е одредена од голем број кризи и егзистенцијална неизвесност.
Изложбата ќе биде отворена до 10 февруари 2024 година.

С.Ј.