Денеска, точно во 12 часот, во Музејот на современата уметност ќе се одржи „МСУ водич и матине“ со кустосот Бојана Јанева, која ќе нѐ прошета низ интернационалната изложба „Истокот е сè уште можен“. Координаторка на настанот е Анжелика Апсис, а музичкиот избор е на Нино Наумов.
Изложбата „Истокот е сè уште можен“ е продолжение на соработката меѓу МСУ–Скопје и МГ+МСУМ, Љубљана, што започна со заедничката изложба „Ткаење светови: Колекции во разговор“, која се отвори во февруари 2025 година во музејот на современата уметност „Метелкова“. Куратори на изложбата се: Бојана Пишкур, Мартина Воук (МГ+ММСУ, Љубљана); Ивана Васева, Благоја Варшанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски (МСУ-Скопје). Уметничките практики што не потекнуваат од центарот на западниот уметнички систем, туку од неговите маргини – географски, политички и симболични, можат да понудат епистемолошка и естетска рамка преку која ќе се преиспита итноста на нашиот сегашен момент. Кога на овие маргини не се гледа како на простори на инфериорност, тие можат да понудат јасна источноевропска перспектива обликувана од искуството на социјализмот, колективните утопии, транзицијата, конфликтот и војната, како и колапсот на идеолошките системи во 1990-тите. Преовладувачките уметнички теми на телото, иронијата, идеологијата, доказите и утопијата, реагираат на овие историски искуства, додека истовремено се занимаваат и со комплексноста на сегашноста. Меѓу уметниците што учествуваат на изложбата се: Марина Абрамовиќ, Маја Бајевиќ, Гета Братеску, Јозеф Бојс, Ала Георгиева, Томислав Готовац, Јон Григореску, Група конструктивисти од Трст (Аугуст Чернигој, Едуард Степанчич, Џорџо Кармелич), Власта Делимар и др.
































