Регионалната феминистичка антифашистичка мрежа (ФАМа) се потпира на меѓународното наследство на АФЖ (Антифашистички фронт на жените). По повод 9 мај – Денот на победата над фашизмот, фондацијата „Фридрих Еберт“ и ФАМа јавно ја споделуваат програмата за работа и за идните чекори на мрежата. Настанот се одржа во Музејот на современата уметност, а за конкретните идеи и цели на мрежата разговараме со членките на организацијата, Нита Старова, Санела Шкријељ, Ирена Цветковиќ и Емилија Ристановска.

Неодамна во регионот се одбележаа 80 години од основањето на АФЖ и се формираше ФАМа, како дојде до оваа иницијатива?
Нита Старова: Пред две години, во декември 2022 г., со поддршка на фондацијата „Фридрих Еберт“ се одбележаа 80 години од основањето на Антифашистичкиот фронт на жените на Југославија во Босански Петровец и Бихаќ. На настанот се состанаа повеќе од 100 жени – активистки, политичарки, академски граѓанки, новинарки, уметници, работнички, потомки на партизанки и на членки на АФЖ од: Босна и Херцеговина, Србија, Словенија, Хрватска, Северна Македонија и од Црна Гора, со идеја да го оживееме сеќавањето на борбата на жените против фашизмот и АФЖ, да отвориме важни теми на движењето за еманципација на жените и да иницираме создавање нова регионална женска платформа. За време на дводневната работа се соочивме со фактот дека фашизмот не е тема од минатото, туку постојана закана што секогаш бара начин да дојде до полн израз. Дека неговата суштина не застарува, туку одвреме-навреме, во зависност од економските и општествените кризи, бара (и наоѓа) нов облик на артикулација. Како резултат на размена на идеи за време на настанот се формираше мрежата ФАМа, која се потпира на меѓународното наследство на АФЖ. Постигнат е консензус дека јакнењето на феминистичкиот фронт и меѓусебната поддршка на постјугословенското ниво се предуслови за создавање силен отпор на растечките фашистички сили и дека е важно да го прифатиме и искористиме искуството што нашите претходнички го стекнале во залагањето за создавање еманципиран свет на родова еднаквост и социјална правда.

Како замислувате да функционира мрежата на долгорочен план на национално и регионално ниво?
Нита Старова: Мрежата е составена од индивидуално зачленети активистки – волонтерки, уметници, научнички, синдикалки, политичарки, активистки на невладини организации, работнички, земјоделки, невработени, припаднички на сите малцинства, коишто ги делат нашите вредности и цели. Целите и заложбите се содржани во Манифестот на антифашистките за 21 век, кој мрежата го објави брзо по нејзиното формирање. Во изминатите две години се одржуваа региoнални средби во Љубљана, Белград и во Нови Сад и се организираа активности за одбележување на 80-годишнината од формирањето на АФЖ во Скопје и Белград, кои наидоа на голем одзив од јавноста. Беа организирани и низа активности за поддршка на членки од мрежата во ситуации кога беа цел на владејачките режими во нивните земји поради нивниот активизам, искажување личен став во јавноста или каков било чин на спротивставување на актуелните репресивни политики во нивните земји. Како следен чекор, оваа година започнуваме со активности за омасовување на мрежата за заедничка работа на конкретни и општествени промени, коишто им го подобруваат секојдневниот живот на жените во земјата и регионот, размена на искуства и најдобри практики, организирање заеднички акции на поддршка, во случај кога ќе постои потреба од тоа. Главната мотивација на мрежата е градење поинаков свет – свет на мир, еднаквост и одржлив развој.

Како соработката помеѓу женските движења во различни држави од поранешна Југославија може да придонесе за заедничко справување со родовата нееднаквост и растечките авторитарни трендови?
Санела Шкријељ: Заедништвото е наша сила. И ова не е само празна флоскула, туку продолжување на темелите што ги поставиле нашите претходнички и предводнички на едно од најмасовните женски движења во Европа, изникнато токму на овие простори. Живееме исти предизвици, а тоа се растечките антидемократски движења, популизмот, сеењето омраза кон сѐ што е различно, етнонационализам што ни се продава како патриотизам. Нашите претходнички знаеле дека моќта е во здружувањето, а не во индивидуализмот, знаеле дека силата е во грижливите заедници, во кои се грижиме едни за други и секојдневно секој од нас работи за доброто на сите – затоа што само така може да се надеваме дека ќе живееме во правични и безбедни општества, општества во кои секој ќе може да живее во социјална благосостојба. Учејќи од нив, но и една од друга, можеме да развиваме подобри стратегии и заедници на отпор спрема растечките авторитарни трендови, кои секогаш прво удираат по правата на жените и преостанатите ранливи групи. Соработката помеѓу женските движења, мрежи и организации и активистки во нашиот регион е единствен начин да останеме поврзани и истрајни, наспроти секојдневието што го живееме. Така стануваме и повидливи и нашиот глас станува посилен. Мора јасно да покажеме дека сме тука, одлучни да ги браниме своите стекнати права и да ја продолжиме борбата за родова еднаквост.

Женските права и денес се загрозени, пред жените е исправен нов „мутиран фашизам“, кои битки ни остануваат да ги довојуваме на фронтот?
Санела Шкријељ: Мора да бидеме многу свесни дека, за жал, ниедно право не е стекнато засекогаш и борбата мора да биде постојана и заедничка наспроти оние што гледаме дека во голема мера се обидуваат повторно да посегнат по нашите права. Така што апсолутно да, револуцијата е недовршена револуција и многу сме далеку од фактичка рамноправност. Омразата не исчезна од нашите улици, тука е и станува посилна во јавниот простор, дури и промовирана од неодговорни политичари, особено кон жените и ЛГБТИ-лицата. Родово заснованото насилство зазема размери на епидемија, бројот на фемициди расте, а институциите како да остануваат глуви на потребите на жените што се соочуваат со насилство. Жените сѐ уште ги нема во доволен број на одлучувачки позиции, сѐ уште се помалку платени за работни места со иста вредност, бремените работнички немаат соодветна заштита. Во руралните средини се соочуваат со немање пристап кон основни услуги, нееднаква распределба на имотите, немање градинки, а земјоделките уште го бараат законски своето право на надомест за породилно отсуство. Она што е особено поразително е што во клучната област, образованието, сведочиме на уназадување, односно бришење на родовата еднаквост како вредност, токму под влијание на антидемократските и антиродови групи. Со тоа државата дејствува во спротивност и на интересите на сите своите граѓани, но и на национални и меѓународни заложби преземени во рамките на Целите за одржлив развој – особено целта број 5 за унапредување на родовата еднаквост – како и со националното законодавство за заштита од дискриминација и Националната развојна стратегија на државата. Да сумирам, слободата и ослободувањето се задача што не завршува. И како и многупати претходно, жените ја преземаат иницијатива врз темелите на антифашистичките вредности посветено и заедно да работиме на зачувување на мирот, еднаквоста, правдата и солидарноста.

Колку е важно ова здружување да биде и антинационалистичко и интернационалистичко во духот на историскиот АФЖ?
Ирена Цветковиќ: Апсолутно е важно здружувањето да биде транснационално и на антинационалистички основи. Впрочем, токму вредностите и идеологиите се оние што ги поврзуваат жените во една ваква мрежа. И не единствено поради историското АФЖ, туку повеќе поради препознавање на идеолошките позиции, кои се верувам единствен можен одговор на капиталистичкиот глобализам и растечкиот национализам. Во таа смила, иако мрежата е регионална, таа претендира на целиот свет како визија и нов политички хоризонт.

Колку современите женски движења ја препознаваат историјата на АФЖ како свое наследство и инспирација?
Ирена Цветковиќ: За жал, не доволно, но токму затоа се потребни мрежи и иницијативи од овој тип. Современите социјални движења во Македонија, вклучително и женското, често имаат лажна претстава дека сѐ започнува од нив. Тоа е голем недостаток, затоа што ги лишува овие прогресивни движења од традиција и континуитет, кои се сила и мотор на заедништвото. За тоа најголем виновник е немањето архиви и механизми на одржување на сеќавањето во нашата држава. Радуваат последните иницијативи на дел од женското движења за креирање архиви, дигитализација на македонското феминистичко или женско наследство и креирање простори на учење и сеќавање на антифашистичката женска борба. Нашата иницијатива ја сметаме за дополнување на овие искри и се надеваме дека ќе успееме да го надоместиме загубеното досега.

Безрезервно се залагате за поголема видливост на жените. Кои се клучните пораки што ги упатувате до младите генерации, особено до девојчињата и жените?
Емилија Ристановска: Да се избегнуваат клишеа и предрасуди. Принципите за кои се залагаат овие движења не му се наменети никому особено, тие се заеднички. Тоа не е интерна борба помеѓу половите, туку заедничко гледиште што во својата суштина се залага за еднаков праведен свет. Будност. Бидејќи говорот на омраза не значи слобода на говор. Никој не е помалку вреден од некој друг и не треба да се чувствува инфериорно. Мора да постои борба против инертност, закоравеност, конформизам, повинување пред другите предрасуди. Борбата подразбира и будност пред сопствените предрасуди. Подразбира и култивирање на мислата и култивирање на нашиот однос спрема другиот.
Пораките треба да ги слушнат сите. Тие се однесуваат особено кон младите генерации и девојчињата. Колективно сме заглавени во недоучените лекции по историја, психологија, антропологија, уметноста, кои памфлетно ги цитираме – по потреба. Образованието е многу важен сегмент во надминувањето на овие стереотипи и погрешни толкувања. Тоа е долг и не секогаш лесен процес, но мислам дека е вистинскиот.