Коста Ангов, актер
Трагикомичната монодрама „Глумецот… е глумец… е глумец“ на босанскиот актер и писател Зијах А. Соколовиќ беше поставена во Театарот во Струмица, во продукција на здружението за култура „Транзен“. Режијата и изведбата се на актерот Коста Ангов. На премиерата присуствуваше авторот на монодрамата Зијах А. Соколовиќ.
– Оваа монодрама е трагикомедија, затоа што на комичен начин ги прикажува и покажува трагичните ситуации што го отсликуваат нашето општество, пред сѐ состојбите во културата. Имено, во неа еден актер (или глумец) ја раскажува својата приказна за тоа како не може да ја одигра претставата затоа што нема добиено пари за да се плати камион што би ја пренел сценографијата за претставата. И самиот бунт на актерот против таквото општество (во кое нема разбирање за потребите на еден уметник) се претвора во претстава. Меѓутоа, работите не се само црни и бели, претставата има и елементи на автокритика, во смисла колку ние уметниците сме зависни од државата и доколку државата не ни овозможи средства за нашите генијални идеи, тогаш тие секако остануваат нереализирани – вели Коста Ангов.
Тој првпат го прочитал текстот пред осум години и вели дека веднаш го освоил со својот лесен и едноставен јазик, искористен да се искажат многу комплексни емоции, ставови, душевни состојби.
– Уште повеќе ме импресионира фактот што истиот текст е напишан од актер, кој на свој чудесен начин ги обединува сите проблеми, стравови, дилеми и трагикомични ситуации што може да ги доживее еден човек што се занимава со оваа тешка и заразно убава професија. Тоа е доајенот на босанското и југословенско кино и театар, Зијах А. Соколовиќ. Актер што својата претстава ја игра повеќе од 40 години и има над 1.600 изведби. Интензивно работев на подготовките на претставата околу три месеци и секако дека е огромен предизвик за играње, затоа што монодрамата е најтешката форма во театарот, сам си на сцената, сѐ зависи од тебе и доколку нешто тргне наопаку, нема кој да те спаси – посочува Ангов.
Според него, ликот во претставата носи многу пораки, кои се упатени и кон тие што гледаат, но и кон самиот себе.
– Актерот мора постојано да се преиспитува себеси, да ја преиспитува смислата на својата професија, но и да служи како огледало за општеството. Публиката во оваа претстава не е поштедена од критика, актерот ќе биде подложен на критика за неговата изведба, но и публиката, како основен двигател на претставата, ќе биде исправена пред судот на самата себе. Директно и во лице ќе ѝ бидат кажани сите нејзини недостатоци и доблести – вели Ангов.
Тој се потпишува и како режисер и како главен и единствен актер во претставата.
– Првпат во мојата кариера играм монодрама, па уште и самиот ја режирам. Можеби звучи чудно, но самиот текст и дозволува, а и инсистира на вакво нешто. Ова е една лична исповед на еден актер, која јас, во соработка со авторот на текстот Соколовиќ, ја приспособив да одговара на мојот сензибилитет, да ги искажам моите лични ставови и стравови, проблеми и дилеми, сето тоа, се разбира, преку неговиот текст. Едноставно, од самиот старт знаев дека ќе работам сам, без режисер. Секако дека е тешко сам да се режираш, ама, пак, никој не рече дека ќе биде лесно. Инаку, станува збор за вонвременски и вонпросторен текст, поставен на сцените низ Германија, Австрија, САД, Франција, Србија, Словенија, па еве сега, за првпат, и во Македонија – посочува режисерот и актер на монодрамата Коста Ангов.