Кон изведбата на „За нас почнува нов живот“ со Биљана Драгиќевиќ Пројковска и Нино Леви, во режија на Дејан Пројковски, на Малата сцена во Драмскиот театар во Скопје

Критика

Биљана Драгиќевиќ Пројковска е една од најдобрите актерки, ако не и најдобра, во ова време во театарот во Македонија. Зад себе има голем опус, гостувања, награди. Сега на Малата сцена на Драмскиот театар во Скопје, заедно со својот колега Нино Леви, ја игра претставата „За нас почнува нов живот“. Работена е по текстот на Ѓерѓ Шпиро (1946, Будимпешта), еден од најпознатите современи унгарски писатели.
Режисер на „За нас почнува нов живот“ е Дејан Пројковски, костимите се на Марија Папучевска, автор на музиката е Горан Трајковски, асистент на режијата Дамјан Димовски, преводот на текстот е на Маја Бражанска, а автор на плакатот и видеото е Стојан Стојановски.
Сите заедно, со навидум леснотија зад која стои сериозна работа и посветеност, создаваат претстава со високи вредности. Најверојатно е и претстава што ќе има долг век и изведби/гостувања на разни сцени.
Биљана Драгиќевиќ Пројковска го игра ликот на Жената, а Нино Леви ликот на Мажот.
Ликовите/актерите се во своја битка со животот, во која се обидуваат да ја искачат својата животна планина, да ги победат своите проблеми и таму горе, на врвот, да уживаат во најубавото изгрејсонце со поглед на море.
Се разбира, тоа не им успева и остануваат таму каде што се. Во онаа позната состојба „угоре високо, удолу длабоко.“
Режисерот Пројковски точно знае каде ги води ликовите/актерите. Оставајќи им простор сами да досоздаваат/дообликуваат состојби, амбиции. Со посветеноста, на крајот разумноста дека животот е таков како што е – продолжуваат заедно. Или посветени еден на друг, со полна доверба исто на еден кон друг.
Иако чинам дека Биљана и Нино досега никогаш не биле директни партнери, тие се во „За нас почнува нов живот“ сложна/креативна двојка, која со исто јасно и цврсто темпо ја води претставата од почетокот до крајот.
Биљана Драгиќевиќ Пројковска во ликот на Жената, сигурна во себе го води дејството. Ги гради/нивелира/креира сите негови елементи, со што создава лик што е слика на обичниот мал човек. Оној човек што е во нас и околу нас, кого го среќаваме, го одминуваме, се препознаваме или замижуваме пред она што е наше во него, а сакаме да не го видиме, иако знаеме дека секој човек е свој мал универзум. Енергијата со која го креира ликот е совршено јасна.

Биљана како Жената е јасна и моќна, креирајќи ја како цврста структура на/во целата претстава. Заедно со Нино Леви како Мажот ја создаваат приказната со трагикомични ситуации. При што го држат вниманието на гледачот да ги следи во еден здив. Онака како што тие ги креираат ликовите/претставата, и според текстот и според режијата на Пројковски, создаваат трагикомични ситуации во кои, пак велам, се препознаваме кој повеќе кој помалку.
Секако, сите што се инволвирани во претставата, преку трагикомичните ситуации кои се смешни, се спој на јасна идеја, цел, потрага по вистината за животот/размислата/состојбата во која е тој мал човек. И, можеби, колку и каква да е таа состојба – смешна или трагична, води кон вистината за животот на малиот/обичниот човек. Оној кој, по она што се следи од нивната игра, нѐ тера одново и одново да се запрашаме што се случува со тој мал/обичен човек да му веруваме, да сочувствуваме… Да ја ставиме „главата на прстот“ со единственото што се случува со човекот Оној во кого се препознаваме, го одминуваме, сакаме да го тргнеме од себе.
Нешто како заклучок. Вистината е една. А оваа екипа тоа го следи/создава од почетокот до крајот на изведбата. И треба да се сочувствува, да се види претстава, да се разбуди во секој од нас човекот: Како своевидна приказна за вистината што ја знаеме а замижуваме пред неа. Затоа и треба да се види и доживее таа приказна, па макар и од театарската сцена.