„Најново нормално“ е иницијатива за организирани посети на наши културни установи и организации што создаваат изложби од современата уметност, предводена од Бојана Јанева, историчарка на уметноста. Таа се вложува кон промовирање и доближување на уметноста и културата до сите заинтересирани граѓани што сакаат да искусат еден поинаков и возбудлив поглед кон градот и современите уметнички практики.
Што вклучува прошетката низ изложбите?
– Во прошетката се споени повеќе мои идентитетски обележја, како љубовта кон Скопје, визуелната уметност во чиј домен е целиот мој работен век и мојата огромна желба за отворена комуникација и срдечно поврзување со луѓето. Целта ми е луѓето да дознаат интересни и значајни факти за уметниците, културните установи, остварувачите на изложбите, потоа да се почувствуваат посебно и гордо на нашите културно-уметнички дострели и да ги доживуваат изложбените простори како нивни места за оддишка од брзото темпо на живеење.
Што беше првичната идеја на „Најново нормално“?
– Живееме во огромен грч, притиснати и обременети од отежнатите политички, економски и социјални услови. Па, последниве години гледам како забрзано се губи она што најмногу го сакам во Скопје, отворениот и солидарен дух на луѓето што живеат тука. Пандемијата само ги исцентрифугира тагата, стравот, очајот, затвореноста и огорченоста. Во суштина, Скопје не е лесен град за сакање, ама се сака преку средбите со луѓето, неочекуваните моменти меѓу уличките, во неговите маала и културните и уметничките настани. Ова е мојот рецепт за сакање на градот. Верувам во мислата дека генерална одлика на уметниците е што се во допир со својот внатрешен свет. Ова нивно разоткривање преку делата, мене отсекогаш ми давало чувство дека сум дел од човештвото, дека не сум сама во моите мисли и чувства, туку дека „светот е еден, а во него сме сите“, па токму тоа сакам и да им го пренесам на посетителите на „Најново нормално“.
За кого е наменет овој културен настан?
– Наменет е за сите што сакаат да искусат малку поинаков скопски викенд. Од изборот на изложбите што се нудат во градот, одлучувам дали е изложбата податлива за работа со деца или за возрасни, бидејќи единствено возраста налага сосема поинаков едукативен пристап, иако и на посетите наменети за деца добивам коментари од возрасните во нивна придружба дека уживале во невообичаеното искуство. Во суштина, секоја посета е различна, бидејќи во начинот на пренесувањето на информациите се водам според реакциите на посетителите. Оваа флексибилност се должи на мојата емпатична природа, како и на неколкугодишната работа како кустоска во МСУ.
Досегашните критики велат дека изложбите со вас добиваат поинаква димензија, необично искуство…
– Сите што работиме во уметноста, работиме во незамисливо тешки услови, и како повеќе од половина луѓе во државава, работиме неколку работи за да го „скрпиме“ месецот, па креативноста на сите ни оди во решавање на секојдневните непредвидени ситуации, што е дополнително отежнувачка околност за создавање уметност. Затоа, една од целите ми е луѓето да знаат колку напор и труд се вложени од моите колеги и колешки, куратори, да се направи нешто што е во чекор со светот и колку жртвувања прават уметниците за да се реализира идејата. Мојата мисија е пренесување на мојата љубов и знаење кон/за уметноста на секој посетител.
Важен ли е речникот на изразување?
– Задачата на кустосите е како да се доближи уметноста до секој посетител, на речник што е приспособен и лесно разбирлив за пошироката публика. Секако, речникот се менува во зависност и од изложбите, бидејќи секој уметнички стил, правец или практика во историјата на уметноста се означени со различен речник, кој ние, кураторите, не можеме да го избегнеме во пишаниот збор. Но на посетите од „Најново нормално“, предизвикот ми е токму тоа, како да ја извлечам есенцијата на кураторскиот проект, мислата и начинот на работа на уметниците и да ги заинтригирам посетителите да продолжат да ја следат работата за одредени уметници што им се допаѓаат.
Од досегашното искуство, колку се посетени турите?
– Многу ме радува податокот што секоја наредна тура носи нови гости, благодарение на претходните посетители што ги пренесуваат нивните впечатоци. Од досегашните коментари, за мој најголем успех го доживувам податокот дека луѓето повторно го откриваат Скопје од убавата страна, а и сознанието дека добри работи се случуваат околу нас, само треба подобро да погледнеме. Еднакво ме радува автентичниот интерес за некој конкретен уметник, особено за нашите, желбата кај децата да дојдат повторно на изложби или инспирацијата да направат нешто креативно.