Управниот одбор на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ од Битола одлучи возрасните членови во знак на протест да сликаат пред Министерството за образование и наука (МОН), в среда од 10 до 13 часот.
Целта е враќање на статусот на детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ од Битола, кој по 30 години е прекинат од страна на МОН, со што 55-годишната организација ќе мора да биде затворена, а светскиот детски ликовен бренд
„Мал Битолски Монмартр“ прекинат по 41 година.
Трошоците за патување во Скопје ќе бидат платени од донациите кои детското ликовно студио ги собра во изминатиот викенд од доброволните прилози на битолчани кои беа собирани во Старата битолска чаршија.
Управниот одбор на детското ликовно студио исто така одлучи членовите на
студиото в септември да сликаат на Широк Сокак за собирање донации за купување на работен материјал и почеток на распишување на конкурсот за 41-та светска детска ликовна изложба „Битола 2023“.
За време на протестот пред МОН в среда, детското ликовно студио ќе одржи прес-конференција на која се поканети да присуствуваат и амбасадори на дипломатско-конзуларните претставништва во Македонија.
По прекинот на финасирање на еден вработен во студиото, управниот одбор кој функционира како кризен штаб, деновиве за помош се обрати до Општина Битола, која изрази подготвеност до крајот на годинава да обезбеди средства за функционирање на студиото од ребалансот на буџетот, а одби секаква соработка со МОН.
Изминатиот викенд, додека децата цртаа пред галеријата на студиото, се собираа донации за помош. М.М.