Фото: Приватна архива

Во светот на креативноста и уметноста неопходни за напредок се талентот, оригиналноста и храброста. Сето тоа го поседува Давор Кешќец (28) дипломиран ликовен уметник – графичар, кој со својата посебност веќе го привлече вниманието на јавноста во нашата земја.

Неговиот препознатлив стил на творење како стрит култура можете да го сретнете на неколку места во Скопје, во вид на графити и мурали.Со овие дела, како што вели, тој му ја облагородува душата на Скопје и создава нови приказни.

Давор Кешќец до сега има реализираноо неколку самостојни изложби, а бил дел и од повеќе групни изложби и проекти со свои дела. Негова инспирација се кубизмот, поп артот, германскиот експресионизам, но кретаивноста му ја будат и музиката и се разбира – љубовта. Пред шест години ја доби наградата „најдобар млад уметник“ (Young Art) во категорија сликарство за уметници од 21-29 години, а член е на ДЛУМ од 2020 г.

На 26 јуни, четврток, во култното скопско катче, кое веќе стана собиралиште на уметничкиот џет-сет во Скопје, „Бифе Тафталиџе“, со почеток во 20 часот Давор Кешќец ќе ја отвори својата самостојна изложба, насловена „Месечина на љубовта“ (Moon of Love).

Ќе се претстави со дваесетина дела кои го одразуваат неговото личното и уметничкото патување – импресии од секојдневниот живот, замислени преку фрагментирани форми, живи палети и емотивна интензивност, работени во техниката акрил на платно. М.Т.