Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ – Кавадарци го очекуваат повеќе настани од областа на театарската уметност.
Театарот при Домот на културата во Кавадарци премиерно ќе ја одигра претставата „Предлог за брак/Мечка“ по текст на Антон Павлович Чехов, в среда, од 19 часот.
Во првата едночинка играат: Александар Малинков, Ивана Секуловска, Саше Орешков, а во втората едночинка: Елена Илова, Петар Стојанов, Мартина Илиевска. Суфлер е Дијана Мишова; костимографка е Сара Милевска; сценска поддршка е тим на Домот на културата во Кавадарци; за светло/тон е задолжен Пепи Ангелов.
– Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ – Кавадарци е и организатор на манифестацијата „Месец на театарот“, која годинава се одржува по петти пат. Манифестацијата ќе биде отворена со изложба на избор плакати од претстави на театарот при Домот на културата во Кавадарци изминатите децении – соопштува Марјан Тодоровски, од Домот на културата во Кавадарци.
В сабота е свеченото отворање на манифестацијата со изложба на театарски плакати и истиот ден публиката ќе може да ја погледне претставата „Ухљеби“, на театарот ДРАФТ, Тузла, Босна и Херцеговина. В понеделник на програмата е „Петок 13“, на Народниот театар – Струмица, в среда „Предлог за брак/Мечка“, на Театарот при Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ – Кавадарци. Следната сабота, на 22 ноември, е закажана претставата „Госпоѓа министерка“, на театарот „Џинот“, Велес, а на 25 ноември „Смртта на еден човек на Балканот“, на театарот при Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ – Кавадарци.
Сите претстави започнуваат од 19 часот.