Македонскиот филм „Мементо“ на Димитрие Османли на 11 септември ќе биде прикажан во рамките на југословенската ретроспектива на црниот бран во престижниот њујоршки Музеј на модерна уметност (МоМА). Филмот во режија на доајенот Османли е снимен во 1967 година и ја раскажува приказната за Јана, која низ разговори и реминисценција со германскиот диригент Вили Милер се сеќава на своето минато и семејната трагедија што ја доживеала во катастрофалниот земјотрес во Скопје. Во филмот улогите ги играат Стево Жигон, Рената Фреинскорн, Предраг Ќерамилац, Драги Костовски, Нада Гешоска, Петре Прличко, Тодор Николовски.
Ретроспективата во МоМА ќе трае од 7 до 21 септември, под наслов „Црн бран до бел зрак“. Ќе бидат прикажани 15 филма избрани од Мина Радовиќ, филмски историчар и еден од организаторите на изложбата. Во најавата на настанот на веб-страницата на музејот се поместени основни информации. Се потсетува дека терминот црн бран е измислен во 1969 година од критичарот Владимир Јовичиќ поради презир кон филмовите на тогашната југословенска кинематографија, кои, според него, биле нездраво фиксирани на темната страна на човечкото искуство. Филмаџиите како Душан Макавејев, Александар Петровиќ и Живојин Павловиќ се занимавале со табу-теми како секс, војна и социјално отуѓување со карактеристичен црн хумор. Иако многу од овие филмови биле забранети или цензурирани од социјалистичките власти, тие го привлекле меѓународно внимание поради слободата, која била незамислива во другите земји од Источниот блок. За жал, многу од овие филмови исчезнаа од дистрибуција среде граѓанските војни во 1990-тите.
– Ретроспективната програма е прелиминарен обид да се вратат дел од тие изгубени дела – се вели на сајтот на MoMА.
Филмскиот историчар Мина Радовиќ, кој живее и работи во Лондон, за српски „Данас“ вели дека идејата зад концептот на програмата во МоМА е „да ги запознаеме луѓето со различноста, убавината, уникатната длабочина и неверојатна широчина на југословенскиот филм од 1960-тите години, од самите почетоци на новиот филм во делата на Александар Петровиќ и Боштјан Хладник, до познатиот црн бран на крајот на деценијата“.
– Во изборот на филмови се најзначајните дела на Александар Петровиќ, Живојин Павловиќ и Душан Макавејев, до помалку познатите филмови „Поти се не врачај“ на Јоже Бабиќ за работниците во Словенија, „Рој“ на Миќа Поповиќ и „Мементо“ на Димитрие Османли, љубовна приказна што станува дневник на сеќавањата на Скопје по земјотресот во 1963-та – објаснува Мина.
Според него, идејата не е да се каже како нешто ново се појавило и било потиснато, туку напротив, идејата на ретроспективата е да се покаже како низ овој бран, со сите негова црнила, се манифестирале искрен егзистенцијализам, длабоко чувство кон општественото и духовното страдање на човекот и дека од искуството што овие филмови му го даваат на гледачот навистина можеме да се преиспитаме и да излеземе со надеж.
– На тој зрак надеж е посветен и насловот „Црн бран до бел зрак“ – истакнува Мина.
За тоа како дошло до соработката со МоМА, Мина објаснува дека претходела меѓународна ретроспектива посветена на југословенската кинематографија што ја организирал за фестивалот „Ил кинема ритровато“ во Кинотеката во Болоња минатата година.
– Таа ретроспектива таму беше прекрасно прифатена и имаше големо влијание. Особено сум му благодарен на Дејв Кер, познат филмски критичар и голем љубител на нашиот филм, кој беше отворен за соработка и овозможи да се реализира програмата во MoMА во Њујорк, каде што, инаку, е куратор – вели Радовиќ и, меѓу другото, ѝ се заблагодарува на Кинотеката на Македонија. Тој за „Данас“ додава дека е голема чест и радост што можеме да ја претставиме нашата кинематографија во една толку важна институција како што е МоМА.
– Мислам дека ретроспективата ќе ја отвори вратата да дознаеме повеќе за скапоценоста на нашето филмско творештво, како и за неговото значење не само како наше културно наследство туку и во рамките на европската и на светската кинематографија – вели Мина Радовиќ. В.Д.