Осумнаесетото издание на Меѓународниот фолклорен фестивал на народни песни и ора „Д-р Владимир Полежиноски“ ќе се одржи на 27 и 28 мај со почеток во 20 часот на платото пред Центарот за култура во Кичево. Овој фестивал претставува културен мост меѓу земјите од стариот континент, а на кој годинава учество ќе земат ансамбли од осум европски земји.
– Со учество на фолклорни ансамбли од Турција, Украина, Косово, Албанија, Бугарија, Полска, ансамбли од земјава и пет ансамбли од градот домаќин Кичево, ќе земат учество на 18-тото издание на фолклорниот фестивал „Д-р Владимир Полежиноски“. Фестивалот ќе биде отворен со настап на ансамблот домаќин КУД „Рацин“ од Кичево. Потоа истата вечер ќе се претстават КУД „Ускана“ од Кичево, ансамблот од детскиот културен центар Курбин од Албанија, народната танцова група „Прушковјаци“ од Полска, детскиот фолклорен ансамбл „Светлина“ од Софија – Бугарија, Фоклорното здружение „Куфад“ од Кушадаси – Турција, ансамблот за народни игри „Дружба“ од Украина, а првата вечер ќе ја заокружи ансамблот домаќин „Рацин“ од Кичево – истакна порпаролката на Центарот за култура во Кичево, Маја Сиљаноска-Николоска.
Портпаролката во продолжение ни ја соопшти програмата и редоследот на ансамблите кои ќе настапат втората вечер.
– И втората вечер програмата ќе ја отвори друштвото домаќин „Рацин“ од Кичево, потоа следат настапи на три фолклорни ансамбли на градот домаќин КУД „Ускана, КУД „Нико Пусоски“ и КУД „Младост“, потоа ќе се претстават ансамблите КУД „Каршијака“ од Скопје и КУД „Илинден“ – Демир Хисар. Во продолжение на програмата и втората вечер ќе се претстави фолклорното здружение Кушадаси од Турција, ансамблот на песни и ора „Емин Дураку“ од Скопје, фолклорното студио „Блажески“, исто така од Скопје, а фестивалот ќе го затворат домашните ансамбли КУД „Бисер“ и КУД „Рацин“ – додаде портпаролката на Центарот за култура.
З.А.