Изложба на уметнички медали и други дела на Надја Розева ќе биде отворена денеска, во 19.30 часот, во „Чифте-амам“. Медалните скулптури се создадени помеѓу 2003-2024 година. Ова е прва изложба од ваков вид во нашата земја и ќе го насочи вниманието на јавноста кон интригантниот жанр на уметничкиот медал. Розева во својата изложба вклучи еден од архитектонските и културни симболи на Скопје – Старата пошта, со идеја да го насочи вниманието на јавноста кон итната потреба за нејзино реставрирање.
Изложбата ќе трае до 7 мај.
Надја Розева е уметница и дизајнерка, која работи во областа на медалната скулптура, јувелирството и продукцискиот дизајн. Таа е студентка на проф. Богомил Николов, кој од неодамна е прогласен за почесен доктор на Националната академија на уметности (НХА) во Софија и е добитник на најпрестижната светска награда за медална скулптура на американското нумизматичко здружение „Салтус“. Розева почнала да изработува медална скулптура пред повеќе од 20 години по завршувањето на постдипломските студии по маркетинг на универзитетот „Рутгерс“ во Њу Џерси, САД. Во 2003 година, таа беше поканета да учествува на работилницата за медална скулптура на проф. Николов во студиото за медална скулптура во Националната академија на уметностите.
Во текот на времетраењето на изложбата, Надја Розева ќе има презентација и ќе одржи предавање за жанрот на уметничкиот медал, а ќе одржи и работилница со студенти од различни универзитети.
– Делата на Надја Розева се откупени за постојаните збирки на Британскиот музеј во Лондон, Кралскиот кабинет за монети, Стокхолм, Шведска, музејот „Берген“ на Универзитетот во Берген, Норвешка, Националната уметничка галерија, Софија, Бугарија, Музејот на монети и медали во Кремница, Словачка итн. Медалот започнал да се изработува како независна форма на уметноста во 15 век, при што италијанскиот сликар Пизанело (околу 1395-1455) се смета за негов татко. Медалот нема парична вредност, но историски е поврзан со монетите. Медалот е уметност за допирот на раката. Се колекционира низ целиот свет и од приватни колекционери и од музеи и галерии, а најголемите колекции се наоѓаат во Британскиот музеј, музејот „Викторија и Алберт“, Музејот на историјата на уметноста, Виена, Националната галерија на уметноста, Вашингтон, и многу други – велат од Националната галерија.
Розева го продуцираше краткиот документарен филм „Медалот“, кој исто така ќе биде прикажан на изложбата. Филмот има цел да ја запознае јавноста со уметноста на медалот, што е нејзина мисија во изминатите 20 години.