Потврда за квалитетот и на новиот документарен филм на Тамара Котевска
Најновиот документарен филм на македонската режисерка Тамара Котевска е меѓу добитниците на „Сендбокс фанд“ на институтот „Санденс“ за 2026 година, кој поддржува иновативни документарни филмови на пресекот меѓу науката и раскажувањето, селектирајќи ограничен број автори на глобално ниво. Во оваа силна конкуренција на автори и проекти, поддршката од престижниот фестивал „Санденс“ говори за квалитетот и на новиот документарен филм на Котевска – „Мамутите што избегаа од Кралството на Ерлик Кан“, кој е во копродукција меѓу Данска, Македонија, Обединетото Кралство и Португалија, каде што се јавува како режисерка и продуцентка.
Филмот ја следи приказната на млад одгледувач на ирваси од јакутската тундра, кој се соочува со избор меѓу традиционалниот начин на живот и современите ловци на мамутски заби. Филмот се снима во екстремни услови во Сибир и ја истражува комплексната врска меѓу традицијата и современите економски предизвици.
Минатата година, Тамара Котевска се претстави во Венеција со два документарни филма, при што проектот за „Мамутите“ беше селектиран на копродукцискиот маркет, а „Приказната за Силјан“ ја имаше европската премиера. Режисерското дуо Тамара Котевска и Љубомир Стефанов беше двојно номинирано за „Оскар“ за документарниот филм „Медена земја“.
Покрај Котевска, меѓу поддржаните автори на „Сендбокс фанд“ на институтот „Санденс“ за 2026 година е и македонскиот режисер Љубомир Стефанов, што дополнително го потврдува силното присуство на македонските автори на меѓународната документарна сцена.
Извршната директорка на „Сендбокс филмс“, Есика Хароп, истакнува дека авторите поддржани преку овој фонд „создаваат исклучителни дела на пресекот меѓу уметноста и науката“, нагласувајќи ја растечката потреба за вакви приказни во независниот филм.
































