За таа цел се селектирани и прикажани повеќе дела од уметници што во изминатите пет години биле дел од проектот „Фемина“ на ДЛУМ, чија цел е да обедини различни сликарски стилови, знаци и пораки. Изложбата е поставена во хотелот „Александар палас“

Друштвото на ликовни уметници на Македонија и проектот „Фемина“ на кураторката Јана Манева-Чупоска по покана од Министерство за култура се дел од триесеттиот министерски совет на ОБСЕ. За таа цел се селектирани и прикажани повеќе дела од уметници што во изминатите пет години биле дел од проектот. Изложбата е поставена во хотелот „Александар палас“.
Учесници во изложбата се: Ана Темкова, Вана Урошевиќ, Јана Манева-Чупоска, Маја Рауниќ, Дијана Томиќ Радеска, Гордана Вренцоска, Ирена Паскали, Наташа Милованчев, Дита Старова Керими, Ана Ивановска, Благојче Наумовски, Јовица Мијалковиќ, Тања Таневска, Шкипе Мехмети, Марјана Костојчиновска, Илиана Петрушевска.
– Изложбата „Фемина“ е проект на ДЛУМ со цел да обедини различни сликарски стилови, знаци и пораки. Изложбата веќе стана препознатлив уметнички концепт, со учество на над сто македонски и странски сликари. Препознатлива е по карактерот и уметничкото израз што отелотворува неколку сликарски медиуми, од класичното штафелајно сликарство до концептуалното, различни формати и нови медиуми. Во ова издание на изложбата „Фемина“ неколку македонски уметници се избрани поради нивниот различен уметнички сензибилитет – велат организаторите на изложбата.
Друштвото на ликовните уметници на Македонија официјално е формирано во 1946 година. Во него изложуваат повеќе уметници што подоцна ќе станат основоположници на македонската модерна уметност: Димитар Андонов-Папрадишки, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Василие Поповиќ-Цицо, Љубомир Белогаски, Вангел Коџоман, Михајло Шојлев и др. Во 1945 г. во Скопје е отворена првата изложба на друштвото. Во 1946 г. официјално се формира ДЛУМ. Прв и долгогодишен претседател е Мартиновски.

– Од особена важност се незаменливите брендови на ДЛУМ: Годишната изложба, која ја доживува својата седма деценија, и „Зимскиот салон“, кој полека но сигурно добива повисоко реноме со учество на селектор куратор од странство и гости од соседните земји. Во текот на своето 77-годишно постоење ДЛУМ реализира над 1.400 самостојни изложби на македонски и странски автори пред македонската ликовна публика и над 350 презентации на друштвото и македонски автори на меѓународна сцена – велат од ДЛУМ.
Тие се особено горди на претставувањето во Париз, Франција, со групна изложба од 107 уметници од Македонија, како и на изложбите во Софија, прво графичката со околу 40 автори, а потоа и групната изложба со околу 70 автори во рамките на договорената соработка со Сојузот на бугарски уметници и меѓународни регионални соработки со Црна Гора, Словенија и со Хрватска.
– Ако се обидеме да издвоиме еден период или епоха во контекст на изложбите на ДЛУМ, тоа можеби е што речиси никогаш не се претставени со една доминантна насока или тренд. Напротив, единствена константа е плурализмот на напорите, во кој секој автор поединечно има своја вистина. Во секој период се испреплетуваат контрадикторности, секоја нова структура вклучува теза и антитеза. Тоа е основната карактеристика и денес, а се дополнува со над петстотини активни члена. Сето тоа говори дека ДЛУМ прерасна во „институција“ што на своите изложби се собира и насочува енергија и идеи за понатамошен развој на уметничката мисла, но и претставува нови трендови што се рефлектираат во синтезата на ликовната уметност – се истакнува во каталогот за изложбата на ДЛУМ. В.Д.