На 20. меѓународен Саем на книгата на Солун се одржа втората по ред средба на балканските писатели и литературни преведувачи, во организација на Градот Солун, Грчката фондација за култура и на Друштвото на писателите од Солун. На 2. Балкански конгрес на писатели и литературни преведувачи, како што ја именуваат организаторите оваа средба, поканети се и двајца писатели од земјава, Томислав Османли и Шкељзен Халими, поет, драмски автор и преведувач.
– Ова случување е широко отворено кон богатиот балкански културен колорит, кон мноштвото јазици, автори, книжевни дела и објави, како и кон значењето на преводното творештво што овозможува меѓусебно запознавање и преводна размена на литературите на Балканскиот Полуостров. Координатор на собирот во Солун е книжевно-преведувачката организација „Литератус медиа“, чиј прв човек Ставрос Дагиос, инаку, е автор на „Антологијата на балканското расказно творештво“, пред две години објавена во Грција, во која за разлика од поранешните слични објави во Грција, се вклучени раскажувачи и расказни творештва буквално од сите земји на регионот. Така, во неговата објава беа застапени осуммина македонски раскажувачи, меѓу другите и двајца годинава поканети писатели од земјава, Шкељзен Халими и Томислав Османли – се вели во најавата.
Ова, инаку, е трето присуство на Томислав Османли на големиот меѓународен Саем на книгата, кој по дваесетти пат деновиве се случува во соседната земја. На 12. Саем во Солун во 2015 година, тој учествуваше заедно со колегата Сашо Прокопиев, а беше претставен со својот награден и повеќекратно преведуван роман „Дваесет и првиот“, а две години подоцна и со прозната збирка „Светилка за Ханука“, исто така со широко преведувани и објавувани раскази, во оправданото отсуство на македонскиот писател, на 14. Саем на книгата во Солун ја претставија двајца знаменити тамошни автори.
На втората меѓубалканска средба на литературните автори се очекува богата размена на мислења за заедничките балкански културни и други вредности, за искуства и предлози за заемни соработки и засилување на меѓусебните книжевни преводи, на тие начини и за градење мостови за соработка на сродниот, но и различен балкански културен простор.