Mакедонската староградска куќа е нешто посебно, надвор од секакви можности за шематизам. Таа претставува жив организам способен да заземе каков било облик, во зависност од големата варијабилност на условите. Во македонската куќа, одделенијата во нејзиното средиште го прават живеалиштето, многу често тоа е само една соба уредена на начин за да служи истовремено за сите намени

Знаменитостите на Македонија

Македонската староградска куќа е составен дел од македонската традиционална архитектура од 19 век. И покрај политичката потчинетост на Македонија во рамките на Османлиската Империја се зачувала македонската културана традиција, која се одразила врз архитектонскиот стил на староградската македонска куќа.
Во 19 век, при засилена економска моќ на македонското православно население, кога се оформува слој на богати трговци и занаетчии, кај градската буржоазија и интелигенција се буди националната свест, со нова идеологија. На тој начин во градот се создаваат услови за интензивирање на градителските активности и примена на зголемени стандарди при домувањето, со градби со креативни, конструктивни, функционални и естетски просторни решенија.
Христијанската куќа ги зголемува просторните димензии со нов концепт на отвореност кон околината и складност на градбите кон групирање на објектите во маалски концепт и формирање урбана мрежа на улици во градот. Притоа корисната површина на просторот на куќата добива на ексклузивност, со збогатување на внатрешната опрема со мебел и покуќнина. На локациите каде што има можност за формирање дворно место, внатрешниот простор е ориентиран кон дворот и зеленилото. Овие промени содржани во нов станбен концепт претставуваат резултат на животниот циклус на семејството, кои се одразиле и врз внатрешната просторна содржина и надворешното интензивирање со естетско дизајнирани елементи на фасадата на куќата.
Додека во куќата на Истокот се клечело, се седело на под или се лежело, во македонската куќа се стоело или се седело на стол. Големиот чардак и другите одделенија за претставителни приеми имале високи седишта – минсофи, наместо миндерлаци. Покрај минсофите се распоредуваат мали, подвижни масички за послужување, а средината останува и натаму празна. Работниот став натаму се одразувал во просторите за живеење. Понекогаш тие се растурени меѓу станбените простори и одделенија за домашна економија. Во оној момент кога овие три елементи ќе се соберат во единствен простор, ќе го откриеме прототипот на модерната кујнска батерија.
Архитектката Екатерина Намичева истакнува дека во македонската куќа се открива и посебен архитектонски израз. Во ентериерот, ориенталната арабеска е заменета со домашна резба на дрво. На таваните, сергените и вратите, на килимите и другиот текстил, орнаментиката е автохтона – македонска. И во фасадната обработка ориенталната флорална декорација е заменета со творечка смеса од локална културна традиција и европски барок, пресоздаден во дрво, нагласува Намичева.
Со таква македонска куќа од 19 век и денес се среќаваме во македонските градови поради очигледните архитектонски квалитети. Типичен пример на македонската староградска куќа е градската куќа во Крива Паланка од 19 век. Таа се формирала со неколку специфични изразни елементи што се застапени во конструктивниот систем, просторниот состав и архитектонско-декоративната обработка. Просторниот систем на градската куќа најчесто се состоел од централен простор (трем или чардак), кој ги поврзувал одаите, кои се поставувале на неговите две страни. Ентериерното обликување на градската куќа содржело вградени мусандри, долапи, декорирани тавани, огништа и други декоративни елементи, кои формирале складна стилска композиција во просторот. Екатерина Намичева исто така вели дека надворешното обликување и формата на градската куќа произлегуваат од внатрешната организација на просторот, приспособена на условите на локацијата и урбаната градска матрица на распоредување на габаритите на објектите.

Д.Ст.