Во издание на Центарот за култура и културолошки студии е објавена книгата „Македонската книжевна жена“ од Ирина Тумбовска. Ова е прва книга во која со книжевнонаучен пристап се анализираат женските ликови од современата македонска проза за да се издвојат модалитетите на женскоста во македонскиот роман. Но, во исто време, во оваа книга се отвораат и низа други прашања и теми, при што за некои од нив и храбро се отвора полемика.
– Тумбовска успева на страниците на оваа книга во исто време да се присутни женските ликови од современата македонска книжевност што му пркосат на времето во кое живеат и се одделуваат од типичната слика за македонската конвенционална жена. Исправувајќи се пред одредени книжевни жени што „живеат“ во различно време, но на исто место – во Македонија, таа и нас – читателите и нивните создавачи – авторите нè соочува со нив, покажувајќи дека тоа е можно со примена на книжевната теорија. И успева да одговори на предизвикот од кој е произлезена оваа книга – да ги претстави и анализира модалитетите на женскоста во македонскиот роман. Клучно – успева да создаде книжевнонаучна студија што не само што води до нови заклучоци туку и отвора нови прашања – истакнува во својата рецензија универзитетската професорка и книжевна критичарка Весна Мојсова-Чепишевска.
Во оваа книга, за првпат, преку книжевнонаучна студија во исто време се присутни и анализирани женски ликови од романите на Владо Малески, Оливера Николова, Лидија Димковска и Петар Андоновски.
Според уредникот на изданието Иван Антоновски, значајно е што во својата книга Тумбовска ја проследува и еволуцијата на жената како лик во современата македонска книжевност – од целосна занеменост до голема гласност.
Во „Македонската книжевна жена“ е присутна и општата слика на човековиот живот, но секое навраќање кон неа во оваа книга е од друг ракурс на гледање преку кој се пренесуваат сите искуства на женските ликови. Колку историјата, околината, времето во кое живеат и професијата со која се занимаваат влијаат врз создавањето на личноста? Како љубат македонските книжевни жени? Како ги доживуваат првата менструација, губењето на невиноста, првите заљубувања, машките фигури во нивните животи, мајчинството, контактот со самите себеси, со сопствените тела? Како сонуваат, како ги боли, како тагуваат, како се радуваат, што ги поврзува сите нив?