Зоран Богески, историчар
Зоран Богески е македонски историчар и виш кустос од НУ Историски музеј во Крушево, посветен на зачувување и интерпретација на културното наследство поврзано со Илинденското востание и Крушевската Република, еден од најзначајните симболични настани во македонската историја. Неговата работа е насочена кон пренесување на историската нарација на пошироката јавност преку изложби, предавања и културни настани, со цел да се одржи живо сеќавањето на борбата за слобода и самостојност.
Како започна вашиот пат како историчар и кустос во Крушево?
– Започна од длабокиот личен интерес кон историјата како жива наука и кон Крушево како простор со исклучително симболичко и културно значење за македонската државност и колективна меморија. Како дете растен сум непосредно под Мечкин Камен, па за мене секојдневно беше доживување да ги слушам приказните за илинденците, за кумитите, како што ги викаа генерациите што биле директни сведоци на тоа, за Никола Карев, за Питу Гуле, за Блаже Биринчето, за Веле Марков, за Ѓорѓи Рало, за Милан Ѓурлук, за Корун Блажев и многу други дејци и револуционери од ова поднебје. Тоа беа генерации што ги познаваа дури и местата каде што се собирале четите, скривниците за оружје, за оставање и складирање храна и за кореспонденција, тие дури ги знаеја и гробовите каде што се погребани лица егзекутирани од Македонската револуционерна организација (МРО), познати и само како Организацијата, за што подоцна се покажа дека има и материјални сведоштва. Потоа уште во текот на моето образование сфатив дека историјата не треба да остане само во книгите, туку дека нејзината вистинска улога е да биде истражувана, толкувана, надградувана и пренесувана до јавноста на разбирлив, експлицитен и одговорен начин. Како човек од овој крај, Крушево претставуваше природна средина во која можев да ги поврзам теренот, локалните изградени прикаски, научниот интерес и професионалната практика. Работата како кустос ми овозможи директен контакт со архивски и музејски материјали, со материјалните сведоштва од минатото оставени по различни места во семејните архиви и долапи, но и со посетителите, за кои музејот не е само институција туку и место на дијалог и запознавање со историјата.
Кои беа најголемите предизвици во градењето на кариерата во една институција што ја чува националната меморија?
– Тоа се специфични и сложени предизвици, кои може да се групираат во неколку клучни категории. Балансот меѓу науката и политиката е многу клучен. Еден од најголемите предизвици е притисокот врз историската интерпретација. Институциите што ја чуваат националната меморија често се наоѓаат на пресек меѓу: научната објективност, актуелните политички наративи, јавните и националните очекувања. Историчарот и кустосот мора постојано да го бранат методолошкиот интегритет без да ја компромитираат институционалната стабилност. Како друго, тука би ја истакнал одговорноста кон колективната меморија. Работата со архиви, музејски предмети и сведоштва значи директна работа со идентитетот и физиономијата на заедницата. Секоја интерпретација, изложба или текст може да биде доживеана како „официјална вистина“, но тоа носи и етичка одговорност кон минатото и кон живите генерации. Ова создава постојан професионален притисок и потреба за внимателна формулација.
Кои теми од историјата на Крушевската Република и Илинденското востание најмногу ве инспирираат?
– Оние теми што ги поврзуваат Крушевската Република и Илинденското востание со пошироките европски и балкански процеси, но и со човечката димензија на настаните. Пред сè, тоа се: Политичката мисла и републиканскиот концепт на Крушевската Република – како редок пример на демократска и граѓанска визија во услови на Османлиската Империја, со особен акцент на Крушевскиот манифест и идејата за еднаквост меѓу различните заедници. Социјалната структура на востаниците и локалното население – учеството на занаетчии, селани, интелигенција и иселеништво, што овозможува подобро разбирање на востанието како масовно, а не исклучиво како движење на раковoдната елита на Организацијата. Улогата на Крушево како симбол и реален политички простор – не само како место на настаните туку и како лабораторија за една самоуправа, каде што се судирале идеали, практични потреби и историски околности. Микроисторијата на поединци и семејства – лични судбини, писма, мемоари и усни сведоштва, преку кои големите историски наративи добиваат човечко лице. Сеќавањето и меморијализацијата на Илинден – начинот на кој востанието и Републиката се толкувани, славени и институционализирани низ различни историски периоди, особено во 20 век. Овие теми ме инспирираат затоа што овозможуваат критичко, но и емпатично читање на Илинден, како историски настан што истовремено му припаѓа на минатото и активно учествува во современиот идентитет и култура на сеќавање.
Како го толкувате континуитетот меѓу двата Илиндена (1903 и 1944) во македонската историографија?
– Двата Илиндена ги гледам како два историски настана поврзани преку идеја и сеќавање, при што 1944 година ја претставува реализацијата на визијата што во 1903 година била храбро навестена, но историски невозможна за целосно остварување. Токму реалниот континуитет или врската на двата Илиндена денес е силно и по сите основи нападнат од нашиот источен сосед, бидејќи со постоењето на овој илинденски наратив на кој почива Македонија како засебна држава и народ тоа го делегитимира нивниот пропаганден наратив преку кој повеќе од 150 години се обидуваат да го заземат македонскиот простор, девастирајќи го носителот или, зависи од историскиот контекст, потенцијалниот носител на субјективитетот што треба да го „стопанисува и поседува“ тој простор.
Како се справувате со празнини или недостиг од архивски извори?
– Кога изворите недостигаат, се водам од принципот дека празнината не смее да се „пополни“ со претпоставки или тие се допуштаат само до одредено нужно методолошко ниво. Наместо тоа, јасно ги означувам границите на знаењето и го разликувам документираното од интерпретативното. Потоа битно е и комбинирањето различни типови извори. Недостигот од еден вид граѓа често се надминува преку споредување архивски документи со мемоари, усни сведоштва и периодика, вклучување материјална култура (артефакти, фотографии, симболи) како индиректни историски извори, користење надворешни извори (османлиски, конзуларни, странски печат) за да се добие контрапункт. Микроисториски пристап кога нема доволно „големи“ документи, се фокусирам на мали, локални или поединечни случаи – семејства, маала, конкретни актери – преку кои може да се согледа поширокиот контекст. Јавната и музејската интерпретација во музејската работа не допушта празнините не се сокриваат, па затоа ги вклучувам како дел од наративот – посетителот треба да знае каде завршува документот, а каде започнува историската реконструкција. На овој начин, недостигот од архивски материјали не го доживувам само како ограничување, туку и како методолошки предизвик што бара дисциплина, транспарентност и интердисциплинарност. Историјата, во крајна линија, не е само збир на документи туку и одговорна интерпретација на она што ни е достапно – и на она што недостига.
Дали имате пристап до меѓународни архиви или соработувате со други институции?
– Да, пристапот до меѓународни архиви и соработката со други институции е важен и неопходен дел од мојата истражувачка и музејска работа, особено кога станува збор за теми како Илинденското востание и Крушевската Република и други теми од времето на Османлиската Империја каде што домашната архивска граѓа е ограничена или фрагментарна. Во врска со меѓународните архиви имам остварено директен или посреден пристап до архивска граѓа од османлиски архиви (преку преводи, факсимили и соработка со ориенталисти), кои се клучни за административниот и воениот поглед на настаните; балкански државни архиви (Бугарија, Србија, Грција и Романија), особено во делот на дипломатска преписка, мемоаристика и периодика; западноевропски архиви и библиотеки (Англија, Австрија, Германија, Франција), најчесто преку конзуларни извештаи, печат и патописи. Редовно соработувам со државни архиви и музеи во земјата и регионот, универзитетски катедри и истражувачки центри, културни и меморијални институции поврзани со илинденската традиција, индивидуални истражувачи и кустоси со сродни интереси. Но битен сегмент во мојата работа е и комуникација со семејства што имаат познати предци и поседуваат голем број материјали. Сметам дека меѓународната перспектива е неопходна за да се избегне затворен, национално ограничен наратив и за да се добие поцеловита слика за настаните. Токму преку ваква соработка, локалната историја на Крушево и Македонија добива поширока научна валидност и компаративна димензија.
Како ја гледате улогата на кустосот во пренесувањето на историјата на пошироката јавност?
– Пред сè, кустосот е медијатор меѓу изворот и посетителот. Тој не ја „измислува“ историјата, но ја толкува, структурира и преведува од академски јазик во јасен, разбирлив и комуникативен наратив, без притоа да ја поедностави до степен на искривување. Втората клучна улога е одговорноста кон вистината и контекстот. Кустосот мора да биде свесен дека музејската поставка има силно влијание врз колективната меморија. Затоа е важно да се разликува документ од интерпретација, да се прикажат повеќеслојни перспективи, да се укаже на историските дилеми, а не само на „готовите“ одговори. Трето, кустосот има образовна мисија. Музејот не е само место на сеќавање туку и простор за учење и критичко размислување. Преку изложби, водени тури, едукативни програми и јавни дебати, кустосот ја активира историјата и ја прави релевантна за современиот посетител.
Како младите генерации реагираат на приказната за Крушевската Република?
– Реакцијата на младите генерации кон приказната за Крушевската Република е комплексна и зависи од неколку фактори – образованието, медиумската изложеност, семејното влијание и современата културна средина. Тука би споменал неколку мои согледувања што сум ги воочил во врска со оваа проблематика. А битен елемент се историската свест и едукација. Младите што се запознаени со историските факти преку училиштето, музеите или проектите за локална историја, обично ја доживуваат Крушевската Република како симбол на храброст, самостојност и борба за слобода. Сепак, за некои ученици, приказната може да изгледа далечно или „митологизирано“ поради времето што поминало и романтизираниот пристап во учебниците. Неминовни се и модерен интерес и културна идентификација, бидејќи некои млади ја гледаат Крушевската Република како дел од националната културна меморија, но интересот варира – за дел од нив тоа е инспирација за локален или национален патриотизам, додека други ја доживуваат како историски факт без директна врска со нивниот современ живот. Медиумската и популарната култура што се пренесува преку филмовите, документарците, другите современи форми и социјални мрежи, преку кои младите ја добиваат приказната на поинтерактивен и визуелен начин. Ова понекогаш ја приближува историјата, но може и да ја поедностави или измени нејзината комплексност
Како ја гледате иднината на македонската историографија во однос на зачувувањето на националниот идентитет?
– Ова прашање ми е посебен предизвик и сметам дека тоа има капацитет да пополни едно цело интервју посветено на оваа тематика, особено од аспект на денешните општествено-политички случувања со актуализирањето на негирањето на македонската посебност. Во таа насока сметам дека иднината на македонската историографија ќе се движи кон продлабочено истражување на историските извори што ја потврдуваат македонската самобитност, комбинирајќи интердисциплинарни методи и дигитализација за нејзина поголема пристапност и едукација. Таа ќе игра клучна улога во јакнењето на националниот идентитет и во справувањето со историските негации, обезбедувајќи научно поткрепени аргументи презентирани како целина преку издеференцирано критичко историско размислување.

































