
ОДБЕЛЕЖАН СВЕТСКИ ДАТУМ ВО ДОХА, КАТАР

Во просториите на регионалната канцеларија на УНЕСКО за заливските земји и Јемен со седиште во Доха беше одбележан Меѓународниот ден на нематеријалното културно наследство, значаен настан на кој учествуваше и македонската амбасада во таа земја.

Настанот го организираше дипломатската мрежа за уметност, мода и културна дипломатија предводена од Н.Е. Фархан Ал Шеик Ал Сајед и сопругата на молдавскиот амбасадор г-ѓа Родица Григорита. Главната манифестација беше прекрасната изложба на ракотворби и уметнички слики на бројни амбасади акредитирани во Катар, меѓу кои и на Македонија.

Македонскиот штанд беше претставен со фото-плакат на црквата „Св. Јован Канео“ во Охрид и една стара носија (изработена во19 век) од Лазарополе која за оваа пригода ја отстапија сопствениците на македонскиот национален ресторан „Дукат“ во Доха, Ана и Бојан Перевски. Лили Ивановска се претстави со три свои дела – масло на платно и теракоти за што доби посебно признание од УНЕСКО.

Настанот го отвори директорот на УНЕСКО Др. Салах Калед, избран претставник од Египет, на кој се обратија и претставникот на Националната комисија за културно наследство на Катар и претставник на Министерството за култура. Изложбата ќе трае до 23 октомври.

Меѓународниот ден на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО се слави секоја година на 17 октомври за да се истакне важноста на заштитата на „живото наследство“ – практиките, изразите, знаењето и вештините што се пренесуваат низ генерациите. Денот, прогласен од Генералната конференција на УНЕСКО во ноември 2023 година, вклучува настани и активности на глобално ниво за да се прикаже културната разновидност и да се подигне свеста за заштита на традициите како што се танците, приказните, занаетчиството и фестивалите. Х.И.
