„Македокс“ одржа oбука за користење на документарните филмови како алатка во образовните процеси. На обуката беа присутни единаесет наставници по социологија и граѓанско образование, кои предаваат на македонски, албански и на турски наставен јазик во средни училишта од неколку града од Македонија.

Обуката се одржа под водство на Сашо Н. Алушевски од „Македокс“ и Надица Таневска-Јанева, професорка по социологија и граѓанско образование и долгогодишна соработничка на „Македокс“ во образовните проекти.

Образовната програма на „Македокс“ долги години е присутна во формалното образование кај нас, токму со неколкуте прирачници за користење на документарниот филм како современа и ангажирана алатка во образованието.

Новитет на оваа обука е тоа што наставниците самостојно креираа модел-лекции соодветни на годишните наставни содржини по наведените предмети, врз основа на претходно избрани документарни филмови, кои би биле сместени во нов прирачник, како и тоа што за првпат во овој прирачник ќе бидат внесени два документарни филма изработени од „Докуникулци“ – школата за млади документаристи на „Македокс“.