Никола Ристановски ја толкува улогата на отец Фредерик, покрај шведската актерка Номи Рапас („Девојката со тетоважа на змеј“, 2011) во улогата на Мајка Тереза и Силвија Фокс во улогата на сестра Агнешка

Филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска ќе ја има честа да ја отвори програмата „Хоризонти“ на првиот натпреварувачки ден на годинашното издание на „Венецискиот филмски фестивал“. Македонија повторно ќе биде дел од еден од најстарите и најпрестижни филмски фестивали во светот, а со „Мајка“ ќе се натпреварува за награди во повеќе категории – режија, сценарио, најдобар филм, актерски остварувања и други.
Ова е третпат како Теона Стругар Митевска се претставува со свој филм во официјална програма на фестивалот во Венеција, по „Најсреќниот човек на светот“ (селекција „Хоризонти“, 2022) и експерименталниот „Дваесет и еден ден до крајот на светот“ (селекција „Авторски денови“, 2023).
– „Мајка“ е филм инспириран од животот на Мајка Тереза, особено од нејзината внатрешна борба да ја оствари својата визија и хумана мисија. Идејата за филмот започна да се развива пред повеќе од десет години, за време на подготовките и снимањето на документарниот филм „Тереза и јас“, проект финансиран од Македонската радио-телевизија. Делото што го остави зад себе оваа жена, како и нејзината духовна енергија што сè уште се чувствува во Калкута, длабоко ја допре Теона и ја разбуди нејзината авторска потреба за ново филмско истражување. Оттаму започна нејзината соработка со еден од најистакнати македонски писатели, Гоце Смилевски, кој по години посветено истражување и пишување го создаде сценариото за филмот „Мајка“ – изјави Лабина Митевска, продуцентка на филмот.
Никола Ристановски ја толкува улогата на отец Фредерик, покрај шведската актерка Номи Рапас („Девојката со тетоважа на змеј“, 2011) во улогата на Мајка Тереза и Силвија Фокс во улогата на сестра Агнешка. Директор на фотографија е Виржини Сен Мартан од Белгија, долгогодишен соработник на Митевска. Сценографијата е дело на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев, сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарагиќ.
Селекцијата „Хоризонти“ на „Венецискиот филмски фестивал“, која годинава ќе биде отворена со македонскиот филм „Мајка“, е наменета за филмови што внесуваат нови естетски и изразни правци во современата кинематографија. Особено се вреднуваат дела со иновативен пристап во раскажувањето, визуелниот стил и филмскиот јазик. В.Д.