Нотации кон стихозбирката „Умоверзум“ од Фима Клетникова, издание на „Макавеј“, Скопје, 2023 г.
Рецензија
Просветлението, мудроста, хармонијата создадена меѓу чувствувањето и перципирањето, отвореноста и креативноста на битието, животната радост и сенките на смртта, но и безвремената божја љубов – се стожерните теми во овој ракопис на Фима Клетникова, македонска поетеса во најзрелата творечка доба, една од корифејките на македонската лирска сцена денес, иако на извесен начин, за жал, за голема жал и скрб, на истата таа сцена, поетеса што од загадочни причини е недоволно оценета, рангирана и вреднувана. Но, таа со својата поезија, вклучувајќи ја и оваа книга, е откритие што самото по себе е неповторлива вредност и врвен дар за македонската поезија и за поезијата на нашето време, воопшто.
Стихозбирката „Умоверзум“ содржи шеесетина песни, сместени во шесте циклуси – „Првиот крик“, „Умоверзум“, „Водата учи да зборува“, „Аплауз на тишината“, „Писмо“ и „Созерцание“. Целината на стихозбирката пулсира во ритамот на една плавна метафорика, која во спој со благата метонимичност во градирањето на мотивите создава атмосфера на лирска беседа за чудата на божјиот универзум и проблесоците на човековиот ум. Фима Клетникова, која и во досегашните свои поетски книги се потпираше на омудрената и просветлена поетска експресија, во оваа книга како да стасува до еден недостижен врв на лирската проекција на севкупниот ритам на природата-човекот-божествената пројава, тројството што во секоја песна гради кале највисоко за провикнување, за восхит и за наслада од достигнатиот висок спој на креативните фреквенции во поетскиот говор.
Оваа ретка книга што се јавува во најзрелата творечка доба на Клетникова порачува од секој стих и од секоја песна дека благородието и благотворието проблеснуваат низ некоја незнајна внатрешна порта што ги спојува човекот и бога. Затоа и во сите нејзини песни се отвораат патиштата до врвната поетска висорамнина и исполнетост од прочитаното и доживеаното. Затоа можеби светлината, тишината и мудроста стануваат храната на оваа поетска трпеза што ни ја распостила во својата книга Фима Клетникова. И затоа оваа книга не може никако да биде незабележана, недоживеана и невосфалена дури и од најпребирливите читатели на поезијата и од најстрогите критичари/зналци на поезијата и на книжевноста. Во вредносна смисла, станува збор за мотивски и тематски хармонизиран ракопис, со доминантна метафоричка интонација на стилски план и со највисоки изведбени потези/нијанси, какви што им се полезни дури и насушни на современата македонска издавачка продукција и на развитокот на македонската современа поезија.
Како во космичка прошетка по пределите на универзумот, со пламнати сетила што по сртовите на сознанието ја ловат блескотната неповторливост на брановите божја блажина од јатката на животот, стиховите на Клетникова полазуваат по белата судбинска хартија и оставаат цврст отпечаток на просветление, на прелив и премин од човечката во оноземната, обожената суштина. Во читателскиот хоризонт се збиднува нова облагородена поетска претстава за вечните преобразби на просторот, светлината и времето и се раѓа гласот што се престорува во безвремено време:
Светлината ми станува омилена храна заедно со тишината каде светат искри на зборови што го запалуваат пламенот на мислата. И еве блеснува поинакво
безвремено време.
Со овие стихови се затвора оваа премудра и пресензибилна книга, а се отвора со песната „Првиот крик“, каде што гласчето што пукнува след првиот плач при влегувањето во вселената наречена човечки живот, на маестрален начин му пркоси на катадневниот постродилен стереотип и како прометејски блесок се искрева над простосмртната земна сушност:
Првиот чекор
е првиот лет на човекот
кон небото
со крилјата на душата
по патеката
на сеќавањето.
Заклучувањето
чека зад
вратата отворена
кон бескрајот.
Сакам да потенцирам дека меѓу овие две обожени клучалки – првата на воведението и последната на поклонението, движејќи се по поетските патеки на Фима Клетникова, одамна не сум доживеал покреативно озарение од кое сум останал и трајно омаен и восхитен. Подзстанував да земам здив меѓу циклусите, се провикнував во себеси од прелест и си заблазнував што ја имав можноста меѓу првите да им се восхитувам на хармонизираните беседи произлезени од еден строителски ум – создавани лекум, точно, без пукнатинки и празен од, моќно и достоинствено. Уште повеќе што во нашиов обесчовечен и извалкан со најцрни петна постсодомски свет, раката што ја испишува оваа книга и со која патоказно ни подмавнува и нѐ храбри ѝ принадлежи на дама која од Адама до денес столува и царствува во обожената страна на човечкото пребивање. Достојно, навистина достојно ест. Книгата на Фима Клетникова „Умоверзум“, која доаѓа како стамено стокмена нова градба на оваа авторка на македонската книжевната мапа, недвосмислено заслужува да биде протолкувана од повеќе аспекти и да биде осветлена нејзината поетичка и филозофска суштина, нејзините тивки везови во семантичката, фигуративната и звуковната димензија на поетскиот плет. Најтопло и одушевено ја препорачувам за прочит и препрочит.
Бранко Цветкоски