Фото: Ка.М.

„Линија, форма и простор“ е насловена изложбата на академскиот уметник Филип Перески, која синоќа беше отворена во Ликовната галерија при ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Поставката опфаќа слики и скулптури, преку кои Перески ги истражува различните можности на линијата, формата и просторот, нивното значење и нивната меѓусебна поврзаност.

Како што посочува м-р Викторија Димеска, уметникот на инвентивен начин ја реконтекстуализира линијата на дводимензионалната површина на платното, но и формата во тродимензионалниот простор.

 – Неговото сликарство се одликува со спонтани искривени линии кои асоцираат на органски и динамични облици. Во апстрактно-асоцијативните композиции доминира активниот однос и слободната креативна игра меѓу ликовните елементи во просторот, како и контрастот и градацијата на линијата и бојата – вели Димеска.

Во скулптурите, Перески ја искривува и раскршува линијата, создавајќи минималистички геометриски форми во кои се преплетуваат „полната“ маса и „празниот“ простор, збогатени со колоритни интервенции.

Филип Перески е академски уметник и наставник по ликовно образование во Прилеп. Има реализирано повеќе самостојни и групни изложби, а учествувал и на бројни уметнички колонии.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.