Фото: Приватна архива

„Ликови“ е насловена десеттата самостојна изложба на младата ликовна уметница Славица Танеска, што ќе биде отворена в четврток, 12. јуни во 20 часот во скопската галерија „Ко-ра“. Ќе бидат изложени портрети во различни техники и стилови, кои таа ги создавала во изминатите седум години.

– Интересно е што сите се реални личности кои постојат или постоеле во минатото. Тука има портети од дедо Јон кој бил учесник во Илинденското востание и го изработив по барање на негов внук кој што имаше само една негова фотографија која беше со многу лош квалитет со оглед на тоа што беше прилично стара, па се до луѓе и ликови со кои јас секојдневно се сретнувам и дружам денес во современието. На изложбата ќе видите портрети и од Петре Прличко кој исто така во еден период ми беше доста интригантен во своите улоги, па портретите се направени според сцени од најпознатите негови филмови. Во последниот период бев посебно инспирирана да работам женски портрети па така изработив на неколку жени кои посебно ме инспирираат и ги почитувам- од мојата мајка Светлана, госпоѓа Магдалена Чоревска и други драги личности – вели Танеска.

Што се однесува до техниките и стиловите, таа ќе се претстави со цртежи студии, кроки, слики во масло, акрил, акварел, слики со акрилни фломастери.

– Сметам дека ваквиот пристап на изложбата би бил од најголема корист пред сé за студентите кои сега го изучуваат цртежот и сликарството и навлегуваат во портретот како една многу значајна тема. Во периодот кој следува подготвувам уште нови проекти и изложби кои ќе бидат презентирани во Скопје, но и во други градови во земјава – најави младата сликарка дел од своите активности.

Славица Танеска е магистер по сликарство. Дипломирала како студент со највисок просек во својата генерација за што е добитник на признание од Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Зад себе има 9 самостојни изложби и повеќе од 70 групни. Учесник е на колонии и уметнички резиденции во земјава и странство. Автор е на книгата „Траги на времето – низ цртежи на стари брсјачки градби во Македонија“. Исто така автор е и на првиот стрип за деца кој се објавуваше во додатокот за деца „Колибри“во дневниот весник „Нова Македонија“ – „Марсо Марсоски“.

Работи на Факултетот за арт и дизајн како асистент на повеќе предмети. Активно е вклучена со презентации на меѓународни научни конференции и објавува стручни и уметнички трудови во меѓународни научни списанија. М.Т