Романот „Приказна за духовите“ од австриската писателка Лаура Фројденталер, кој е добитник на наградата на Европската Унија во 2019 година, е едно од делата за кои на конкурс се избираше дизајн за корици за едицијата „Порта Европа“. Победничкото решение на Лара Маринковиќ се најде на корицата на книгата што неодамна излезе од печат во издание на „Арс ламина – публикации“. Уредничка на книгата е Бисера Бендевска, а Ксенија Чочкова го преведе романот од германски јазик.
– Невдоменоста, иако често не е во центарот, во смисла дека не се раскажува и не се објаснува за неа, сепак не е маргинална тема. Таа е една од основите, еден од столбовите, според мене, она што се опишува е несигурноста на површината на која стои овој живот. Оваа површина ја носат различни столбови. Еден од овие столбови во романот е свирењето клавир, еден е врската со Томас, а еден столб што дава потпора се јазикот и потеклото, кои се неразделно поврзани. Тоа е нешто што кај Ан има особена улога од пред дваесет или дваесет и пет години, преку оваа промена, преку ова пуштање корени на некој начин. Според мене, таа добро се справува со оваа промена, двојазичноста е исто така дел од идентитетот, како и припаѓањето на две култури. Но во моментот кога таа почнува да се колеба за многу работи, ова станува проблематично. И сето тоа има врска и со станот и со метафората за површината и основата се проширува и се пренесува и на ѕидовите – рече писателката Фројденталер на промоцијата.
Лаура Фројденталер е родена во 1984 година во Салцбург. Студира и дипломира германски јазик и литература, филозофија и родови студии. Авторка е на збирката кратки раскази „Черепот на Медлин“ (2014) и на романите „Кралицата молчи“ (2018, добитник на литературната награда на градот Бремен) и „Приказна за духовите“ (2019, добитник на книжевната награда на Европската Унија). По престојот во Франција, од 2009 година живее во Виена.