ИДЕОЛОШКАТА ПОРАКА НА АВТОРСКАТА, УМЕТНИЧКА КАМПАЊА НА ПОЕТЕСАТА МАРТА МАРКОСКА
Во пишувањето на ова интервју не знаев кој пристап да го фатам, дали социолошкиот, дали медицинскиот, дали метафизичкиот, но едно знам дека како и да биде напишан овој текст ќе биде сфатен на сосема различен начин од начинот на кој јас го разбирам, не затоа што тоа е моја лично преживеана приказна, туку заради тоа што секој има различен капацитет на сфаќање и разбирање, на поимање и толкување, низ призмата на неговите сетила, знаења, искуства, вис(т)ини. Така што, колку читатели, толку толкувачи, ова го потенцирам во секое мое интервју, при тоа внимавајќи на секој изречен збор. Мора да имаат предвид читателите дека нивното поимање/разбирање/ толкување е само еден од бесконечно многуте можни поимања/разбирања/ толкувања и интерпретации на текстот. Оваа увертира е нужна да стои како предтекст на сите писанија, оти ние забораваме (не се изземам ни себеси), дека нашето моментално поимање/разбирање/ толкување на нештата зависи од различните околности во кои се наоѓаме; зависи прво – од нашата моментална психофизичка и емоционалнa состојба, второ – од нашиот целокупен образовен капацитет, трето – од нашето севкупно животно искуство, четврто – од нашите социјални предусловености, воспитување, средина во која сме израснале и со која сме опкружени и уште редица други фактори влијаат на секое наше разбирање/ толкување и восприемање на сиот поимен свет околу нас.
Мојата кампања LARGER THAN LIFE кампања за убавината на жената по канцер на дојка е фокусирана не само на физичкото здравје, туку и на душевното здравје, НЕ на болеста; на убавината и сензуалноста на жената, на придобивката, НЕ на загубата. Со одбран вокабулар расте, се засилува и вибрантното фреквенциско поле во просторот, па мојата кампања, велам моја, затоа што е лично моја преживеана, јас не сум гаталец, туку паталец, е насочена кон подигнување на фреквенцискиот магнетен тонус во целиот молекуларен систем на организмот. На почеток нагласив дека ми е тешко да го напишам ова во само еден текст, затоа што премногу е тежок самиот преживеан процес, а особено е тешко да се заземе позицијата, трасата, траекторија по која овој процес ќе биде раскажан. Имајте на ум дека само начнувам сегменти кои заради комплексноста на преживеаното искуство, а и заради комплексноста на моите знаења и познавања малку ќе ми е да испишам и четворотомно научно дело.
Она што го издвојувам како најважно овде е дека фокусот на кампањата LARGER THAN LIFE не е продавање на еротика, како што многумина љубат да ја толкуваат, затоа што, пак потенцирам, толкав е нивниот капацитет на толкување, туку е раскажување на личната приказна низ визуелното или како што вели стара кинеска мудрост дека еднаш покажано вреди повеќе одошто сто пати кажано. Јас сум уметник и мојот пристап е уметничкиот, иако во елаборација можам, ви реков погоре, да напишам четворотомно научно дело бидејќи мојот бекграуд, пак, е научниот. Сепак одбирам оваа кампања да ја раскажам преку слика не само затоа што никој пред мене не го сторил тоа, туку затоа што сум над сè естета/естетичарка за која естетското е императив на животот. Ние не знаеме како изгледаат жените откако се избориле со болеста. Жените по болеста се затвораат дома и молчат, уплашени се и огорчени. Некој мораше да го скрши мразот и да покаже како една жена, со дисциплината на умот, со дисциплината на телото, со прочистување на душата, може да изгледа фантастично привлечно и по болеста, како жената може да доживее катарза и да се открие одново, да воскресне од пепелта како феникс и да се пресоздаде во рајска птица каква што симболично имам и истетовирано на десната града. Кај мене ништо не е случајно, сè има длабоко симболично значење и причина зошто нештата ги правам на начинот на кој ги правам. Тоа што другите гледаат голотија бидејќи тоа ниво совршено одговара на нивните ниски страсти, ниски фреквенциски херцажи, односно вибрантно-резонантни полиња, тоа е затоа што будистите велат: “она што го гледаш во мене, тоа си – ти!”. Или речено со попрости зборови, тоа е нивото на менталниот склоп, па тоа е и резонот со кој располагаат. Тоа што другите го гледаат во мене се самите тие, она од што тие се кријат и се срамат. Речиси целото човештво функционира до нивото на третата чакра, а многу малку поединци ја имаат поткренато свеста на повисоки вибрации. Видете, емотивната интелигенција се разликува од когнитивната и социјалната интелигенција. Исто како што едно е да се поседува физичко здрвје, а друго е да се поседува ментално и духовно здравје. Да се биде здрав значи да се биде во целосна хармонија со себеси, во целосен баланс на душата, телото, умот, а тоа е една од најтешките задачи кои бараат совршена самодисциплина. Потенцирам дека кампањата LARGER THAN LIFE е настан кој треба да предизвика емпатија кај секоја една жена, да ѝ помогне да се избори со себе си, пред сè, одново да се најде себе си, да се реоткрие и разоткрие во сите свои сензуалности, нежности, страсти; Да не се препушти на летаргијата, да не ја изедат депресијата и осамата, да не допушти да падне психички, туку да застане стамено и да ја реконструира суштината на сопствената женственост.
На самиот настан ќе бидат претставени принтови на стакло во големи формати, со експлицитно сензуални фотографии на кои role-моделот сум јас, за што се заблагодарувам на партнерската поддршка на компаниите “Видинг Принт” и “Сплешбек” кои се единствените во Македонија што принтаат стакло во огромни формати. Изборот, фотографиите да бидат испринтани на стакло е исто така симбол за кревкоста, кршливоста на животот, а се однесуваме како да ќе живееме вечно и не го почитуваме сè до оној момент кога ќе биде вистински загрозен. Кампањата LARGER THAN LIFE сака да покаже дека самопочитта и самољубовта се предуслов за почитта и љубовта кон другите. Без самочувствие и самоуважување, не можете да очекувате дека можете да му дадете уважување на другиот, бидејќи не можете да дадете нешто што го немате. Ако ме следите од поодамна ќе видите со колку педантни постапки, чекор по чекор, го подготвувам теренот за оваа кампања: трпеливо, бавно, долго веќе петта година, студиозно, но маркетиншки провокативно, сакајќи да доловам дека луѓето од сè она што го правиш ја гледаат само површината. Ќе загребат на површината и тоа им е доволно за да си донесат некои свои заклучоци базирани на претпоставки.
Ја најавувам оваа кампања во сите мои претходни интервјуа, а кој е истраен, доволно љубопитен и може да продре малку подлабоко во значењата, нека повели да ме простудира (погледнете ги сите мои постови, интервјуа, телевизиски и пишани во претходните скоро пет години), како меѓу редови сè беше кажано. Повеќемината љубат да се задржат само на површината. Така и ќе остане, за жал. Од тие причини не сакав да раскажувам, сакав да – покажувам! Оваа кампања е визулно сведоштво за тоа како не само што сум се изборила да останам жива, туку сега изгледам поубаво и пораскошно од кога било. Најдобро се спознавате себе си и своето тело кога губите нешто од него. Користејќи ја болеста како придобивка, а не како казна, со ментално устројство дека женскоста треба да се ужива во целост, прифаќајќи ги сите предизвици на животот, сфаќајќи го животот како игра која треба да се игра, не само за да се победи, туку за да се ужива во самата игра – им пренесувам на жените дека по соочување со болеста животот има уште поголема смисла.
Без партнерската поддршка на компаниите “Трим и Лум”, “Хотелот Парк”, “Видинг Принт”, “Сплешбек”, “Ординацијата за естетска хирургија “Др. Даскалов”, “Маратон Адвертајзинг Груп”, “Магнаскен”, “Импакт Медија” и “Министерството за култура”, никогаш не ќе успеев да ја реализирам оваа кампања, затоа што и многу други големи компании пред кои ја претставив ја гледаа со сомнеж. Но, тоа е сомнеж базиран на претпоставки и, пак потенцирам, недоволно капацитет да ја видат големата слика за да ја прочитаат пораката правилно, а не површно.
Фотограф на постерот: Стерија Зиков
Едитор на фoтографија: Јуџин Манинг (Eugene Manning – New York)
Модел: Марта Маркоска
Марта Маркоска
Авторка на 12 книги на македонски и други јазици.
Креаторска поддршка, македонскиот дизајнер: Мите Занов.