Реакција на здружението „ПП Џез-фестивал Прилеп“
Здружението за супкултура „ПП Џез-фестивал Прилеп“, организатор на фестивалот „Прилеп џез-викенд“, реагира во јавноста и до Министерството за култура, кое по 14 години континуирана институционална поддршка, одлучи да не го поддржи фестивалот во годината кога требаше да се одржи неговото 15-то, јубилејно издание. Според нив, оваа одлука не може и не смее да се третира како изолиран случај.
– „Прилеп џез-викенд“ не е експеримент, не е моментален проект, не е лична иницијатива без континуитет. Тоа е фестивал со историја, со публика, со јасна програмска визија и со препознатлив културен идентитет, кој повеќе од една деценија ја гради културната слика на Прилеп и пошироко. Затоа, прашуваме, но бараме и одговор: Дали културната политика на државата свесно оди кон централизација, со што систематски се укинуваат или маргинализираат културните настани во помалите градови? Дали континуитетот, квалитетот и публиката повеќе не се релевантни критериуми при распределбата на јавни средства? Дали комисиите што одлучуваат се навистина независни и стручни, или селекцијата се прави селективно, по неформални критериуми и под нечиј вкус, притисок или диктат? Со вакви одлуки, културата надвор од главниот град не се развива – таа се гаси тивко, без објаснување и без одговорност. Ова не е само удар врз еден фестивал. Ова е порака до сите културни работници во внатрешноста дека нивниот труд е лесно заменлив или целосно небитен, без оглед на годините работа и резултатите зад себе – истакнуваат од здружението.
Воедно тие прашуваат дали Македонија сака жива, децентрализирана култура, или култура сведена на неколку локации, неколку имиња и неколку „подобни“ проекти. Тие истакнуваат дека „Прилеп џез-викенд“ ќе продолжи да постои затоа што зад него стојат публика, идеја и упорност. Но јавноста има право да знае зошто институциите се откажуваат од докажани културни вредности, особено кога тие доаѓаат надвор од центарот.
– Бараме транспарентност. Бараме образложение. Бараме одговорност. Затоа што културата не смее да биде жртва на молк, бирократија и селективна поддршка. Културата не е привилегија. Таа е право и мора да биде достапна насекаде – наведуваат од „Џез-викенд Прилеп“ во нивната реакција. Ка.М.































