Кон електронското издание на монографијата „Кукушкиот говор“ од проф. д-р Коста Пеев
По речиси 35 години, на јавноста одново ѝ е достапна двотомната монографија „Кукушкиот говор“ од проф. д-р Коста Пеев, овој пат во електронска форма. Имено, печатеното издание на „Кукушкиот говор“ е објавено од „Студентски збор“ во 1987 година (Том I) и во 1988 година (Том II). Авторот, проф. Пеев, за двата тома на „Кукушкиот говор“ беше награден со највисоката награда од областа на науката, наградата „Гоце Делчев”.
Академик Блаже Конески, во својата препорака за печатење, напиша: „Вредноста и интересноста на оваа монографија се зголемуваат особено со тоа што таа му е посветена на еден говор којшто, поради познатите историски околности во Егејска Македонија, е подложен на исчезнување во својата матица. Со сето тоа, работата на д-р Коста Пеев ги надминува по своето значење чисто лингвистичките рамки, зашто заштитува и одбранува пред заборавот еден важен дел од национално-културното наследство на македонскиот народ.“
Оваа монографија се состои од две книги – првата (во обем од 355 стр.) претставува граматички опис и анализа на кукушкиот говор (фонологија, морфологија, синтакса…), додека втората книга (во обем од 361 стр.) ни носи неверојатно богат лексички материјал во форма на речник, фразеолошки речник и текстови (околу 120). Монографијата „Кукушкиот говор“ претставуваше и сè уште претставува огромен придонес во македонската наука за јазикот и веднаш по издавањето наиде на голем број позитивни критики во домашната и меѓународната научна јавност (Москва, Софија, Братислава, Љубљана, Краков), а од своето излегување е и неизоставно четиво за секој дијалектолог и проучувач на македонскиот јазик.
Авторот на „Кукушкиот говор“, проф. Коста Пеев, е еден од највидните дијалектолози и македонисти, признаен славист во меѓународни рамки, ученик на Блаже Конески и Божидар Видоески. Тој е роден во Струмица, во 1936 година, а својата научна кариера ја започнува во Институтот за македонски јазик „Крсте П. Мисирков“, во Одделението за дијалектологија. Од 1984 година, па до своето пензионирање, тој е професор по дијалектологија на македонскиот јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а во повеќе наврати бил професор гостин на странски универзитети и учествувал на голем број меѓународни конференции и заседанија. Проф. Пеев има огромен удел во организирањето на дијалектолошкото одделение при ИМЈ, а во два мандата бил и шеф на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Покрај монографиите „Дојранскиот говор“ и „Кукушкиот говор“, вреди да се спомене монументалното дело „Речник на македонските дијалекти од југоисточниот дел на Егејска Македонија“, во кое во шест тома е сублимирана повеќедецениската работа на проф. Пеев врз македонските дијалекти и со кое остава длабока трага во македонската наука за јазикот.
Проф. Коста Пеев во својата меѓународна славистичка активност долги години учествувал во работата на најголемите славистички дијалектолошки меѓународни проекти: Општословенскиот лингвистички атлас, Општокарпатскиот дијалектен атлас, Европскиот лингвистички атлас, во проектот на Македонската академија на науките и уметностите – „Македонските дијалекти во Грција“, а и во проектот „Македонски дијалектен атлас“ на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. За значајното и големо творештво од областа на македонската наука за јазикот, а пред сè од неговата тесна специјалност – дијалектолгогијата, проф. Коста Пеев е добитник на наградите: „Гоце Делчев“ (награда од областа на науката), „Климент Охридски“ (награда од областа на образованието), „11 Октомври“ (државна награда за животно дело), Годишна награда на градот Струмица „14 Септември“ и многу други награди и признанија. Во 2019 година, проф. Коста Пеев е одликуван со високото државно признание Медал за заслуги за Македонија, а при доделувањето е наведено: „Проф. Коста Пеев го добива Медалот за исклучителната посветеност и ангажираност во своето работење и дејствување, со што даде значаен придонес за зачувувањето на дијалектите на македонскиот јазик и неговата поширока афирмација.“
Сето ова говори за важноста на монографијата „Кукушкиот говор“, која ги надминува границите на дијалектологијата и станува неизбришливо сведоштво за историското, јазичното и културното наследство на еден од највпечатливите јужни македонски говори, како и роден говор на големиот македонски револуционер Гоце Делчев. Електронското издание на оваа монографија не само што ќе помогне овој говор да излезе од заборавот на времето туку и ќе овозможи следните генерации дијалектолози, македонисти, слависти и сите други заинтересирани да имаат увид и можност за проучување на дел од историјата на македонската дијалектологија, како и пристап до неверојатен извор на богатата дијалектна лексика.
Електронското издание на „Кукушкиот говор“ исто така ќе му овозможи на овој важен сегмент од македонскиот дијалектен простор да продолжи да живее во новата дигитална иднина и да сведочи не само за граматичкото и лексичкото богатство на овој говор туку и за огромната пожртвуваност и самопрегорна работа на авторот, проф. Коста Пеев, кој сиот свој живот го посветил на проучување на македонските дијалекти и афирмација на македонскиот јазик во широки меѓународни рамки.
Автор: Марјан Марковиќ