Во срцето на уметничка Виена, во музејот „Кунстхале Виена“ (Kunsthalle Wien Museumsquartier), македонската современа уметност синоќа беше во фокусот со „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ – Скопје“ (No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection).
Во следните девет месеци европската и светската јавност ќе имаат можност да го согледаат дијалогот што преку свој кураторски проект го создадоа уметничките тимови на Музејот на современата уметност од Скопје и на „Кунстхале Виена“, соопшти Министерството за култура.
Проектот е инспириран од солидарната колекција на МСУ и е реализиран токму на 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје.
– Кураторите, преку даруваните дела од колекцијата и со новите од авторите што се вклучени во изложбата, поставуваат прашања што се актуелни и денес – можна ли е солидарноста воопшто, или солидарноста меѓу уметниците? Зборуваат за заедништво на спротивставени политички блокови преку уметност, како што се случило по земјотресот во Скопје“. Таа додава дека низ изложбата се актуализира и прашањето за архитектурата, за планирањето на градовите и за тоа како од проект за солидарно Скопје, стигнавме до „Скопје 2014 – вели министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Оваа соработка, посочува министерката, покажува дека кај нас секогаш се создавала уметност која е атрактивна и ангажирана да одговори на највисоките светски стандарди и текови во современата уметност. Тоа го покажуваат авторите кои се застапени во делот на солидарната колеција, но и авторите кои денес со својата концептуална уметност се дел од европската сцена, а се вклучени во овој проект.
– Оваа изложба ни покажува дека сме дел од актуелниот уметнички миг во Европа, и нѐ охрабрува да се насочиме кон идни слични соработки кои секако ќе придонесат за поголема отвореност на светот кон македонското ново ликовно творештво – вели Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура верува дека од оваа изложба ќе произлезат нови трајни креативни пријателства со уметници од Мелбурн, Берлин, Истанбул и од Виена.
– Веруваме дека пораките од изложбата ќе допрат широко во Европа и дека уметноста како средство за дијалог ќе се наметне во надминувањето на разликите со кои секојдневно се среќаваме – заклучи Костадиновска-Стојчевска.
Директорката на МСУ, Мира Гаќина, вели дека соработката со „Кунстхале Виена“ несомнено е еден од најкомплексните проекти досега и настан од национален интерес за нашата земја.
Куратори на изложбата се уметничките директори на „Кунстхале Виена“, кураторскиот колектив „What, How & for Who/WHW“, кој го сочинуваат Ивет Ќурлин, Наташа Илиќ и Сабина Саболовиќ.
Од вкупната уметничката колекција на МСУ, која содржи над 5 500 дела, во Виена се изложени 94 дела и околу 50 дела од современите уметници вклучени во овој проект. На изложбата синоќа беа претставени и фотографии од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ, кои ги направи фотографката Елфи Семотан (Виена). Дел од проектот е и патопис на писателката Барби Марковиќ (Виена), која го опиша своето искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје.
Изложбата содржи и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ и неговата колекција, документи и макетата на Кензо Танге, позајмени од архивите на Музејот на град Скопје и од архивата на МСУ.
Пред отворањето на изложбата, предавање посветено на Скопје одржаа архитектите Јован Ивановски, Ана Ивановска-Дескова и Владимир Десков, чии архитектонски макети на постземјотресно Скопје се претставени во поставката.
Изложбата во „Кунстхале Виена“ ќе биде отворена до 28 јануари 2024 година.
Над 1.000 посетители на отворањето на изложбата на Музејот на современа уметност
Во Виена преку 1.000 посетители беа на големото отворање на изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје” (No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection), со дела од уникатната колекција на Музејот на современата уметност – Скопје, што ќе биде отворена сѐ до 28 јануари 2024 година, информираа од Музејот на современа уметност – Скопје.
– Галерискиот простор на Кунстхале, буквално беше претесен да ги собере сите оние кои трпеливо чекаа да влезат во музејот за да ја погледнат изложбата за солидарно Скопје и делата, кои светски познатите уметници ги подарија на нашиот Музеј на современата уметност во знак на солидарност по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. На 1.000 метри квадратни, импозантните 94 избрани дела од солидарната колекција на МСУ во симбиоза со 50-те дела од шестмината современи уметници, делуваат импресивно во просторот. Во изложбениот проект, вклучена е и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ и неговата колекција, документи и макетата на Кензо Танге, позајмени од архивите на Музејот на град Скопје и текстови и макети од позначајни градби од постземјотресната обнова на градот, од архивата на Ана Ивановска, Јован Ивановски и Владимир Десков, кои наедно одржаа и предавање вчера пред виенската публика – се наведува во соопштението.
На официјалното отворање на изложбата имало обраќање на двете директорки на партнерските институции Кунстхале и МСУ, Сабина Саболовиќ и Мира Гаќина.
– Во Виена пристигна и министерката за култура на Република Северна Македонија, Бисера Костадиновска Стојчевска, која присуствуваше на отворањето, амбасадорот на Европската унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир, голем дел од дипломатскиот кор во Виена и претставници од македонската амбасада во Австрија. Современите уметници вклучени во изложбениот проект, Брук Ендру од Мелбурн, Синиша Илиќ од Белград, Иман Иса од Берлин и Ѓулсун Карамустафа од Истанбул и македонското уметничко дуо Јане Чаловски и Христина Иваноска од Скопје, синоќа беа во центарот на вниманието – пишува во соопштението.
Како што се додава, „тие направија своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со која воспоставија дијалог помеѓу делата на познатите уметници од колекцијата и нивната авторска работа. Идејата е да се види како денес современите уметници ја доживуваат оваа збирка, настаната преку светската солидарност. Покрај нив, фотографката Елфи Семотан од Виена, направи дела од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ, а писателката Барби Марковиќ од Виена, напиша патопис за нејзиното искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје“.
– Пред отворањето се одржа и конференција за печат пред повеќе десетици претставници на австриските медиуми, каде говореа Гаќина и Саболовиќ. Изложбата што ќе биде отворена до следната година, според искуствените статистики што ги има Кунстхале Виена, се предвидува да ја погледнат повеќе од 75.000 илјади посетители од целиот свет – се нагласува во соопштението.