„Просто и строго – Конески“ е најновото дело посветено на Конески од авторот Иван Антоновски. Со издавањето на книгата, во книгоиздавателството „Матица македонска“ се одбележа 30-годишнината од смртта на Блаже Конески. Промотори на книгата се универзитетските професори Венко Андоновски и Димитар Пандев. Книгата е објавена неодамна и во неа се отвораат прашања и се изнесуваат согледби и заклучоци и за некои помалку анализирани, афирмирани и вреднувани, а важни сегменти од опусот на Конески.
– За жал, 30-годишнината од физичкото заминување на Блаже Конески како да беше заборавена од многумина. Вклучувајќи и од Друштвото на писателите на Македонија, кое не организираше достојни настани за потсет и поклонување пред делото на својот прв претседател. Не смееме ни да помислиме дека со чествувањето на 100-годишнината од неговото раѓање се исцрпи потребата од нови исчитувања на делото на личноста што е духовна, стожерна вертикала на македонскиот 20 век. Или дека доволно сме му се оддолжиле на Конески. Затоа што во 2021 година, можеби само отворивме, и тоа еден дел од прашањата што упатуваат на потребата за доистражување и доисчитување на неговото творештво. Имаме уште многу што да доисчитаме, уште многу непознато што треба да го дооткриеме за да можеме да кажеме дека вистински сме го запознале Конески. И тоа е обврска на секоја генерација! – вели авторот Иван Антоновски.
Тој се надева дека оваа книга е достоен прилог за одбележување на годишнината, но и влог од неговата генерација.
– Иако тој влог не ги обврзува нашите претходници, туку пред сè нас, поновите генерации – да продолжиме со вреднувањето и спознавањето на делото на патријархот на македонското слово. Затоа, и „Просто и строго – Конески“ е само почеток на моето исчитување, кое продолжува… Тоа не му го должиме само на Конески за сето она со што нè задолжи, туку го должиме на македонската култура и држава, и го должиме и себеси и на поколенијата по нас. Затоа што творештвото на Конески е клучен дел од нашиот македонски код. Затоа и не треба да заборавиме дека веќе имаме пример и патоказ – тоа творештво да го читаме како тестамент, како што ни покажува и една книга што ѝ претходи на оваа – „Конески како тестамент“ од Весна Мојсова-Чепишевска. Конески во една од своите последни песни запиша: „О мои предци! О мои внуци! / Нека прогласува овој час / дека сум распнат меѓу вас.“ Се надевам дека со промовирањето на „Просто и строго – Конески“ ќе се успее да се испрати порака дека делото на централната фигура на македонскиот 20 век ги обединува генерациите – вели Антоновски.
Според Димитар Пандев, во оваа книга, Антоновски прецизно го чита Конески и го чита тестаментално, како што се чита послание стокмено од престижна јазикотворечка личност.

– И ја доловува смислата на Конески, на која самиот тој толку инсистираше и не дозволуваше прашања. Но долг и право е на авторот следбеник на тие загатнати прашања да посочи одговор. Во името на егзактноста со која понира во пределните области на Конески – истакнува Пандев.
Според Владимир Мартиновски, творештвото на Конески денес е еден од клучните патокази, како за научната мисла така и за книжевното творештво на новите генерации.
– Иако се темелат врз начелото на едноставност и строгост на изразот, а можеби и токму затоа, стиховите и поетските текстови на Конески се сокровишта на безброј пластови значења, а во неговите прози, есеи и студии секогаш нè дочекуваат идеи што имаат потенцијал да пробудат и побудат уште многу нови согледби. Несомнено е дека е потребно постојано да му се навраќаме на Блаже Конески. Како што Гете вели за Молиер дека треба да се чита секоја година, така слободно може да се каже дека Конески е автор на кој можеме постојано да му се враќаме и секогаш ќе наидеме на нешто „ново“. Секоја нова студија, секое ново читање е драгоцено. Таков е случајот и со најновата книга посветена на неговиот опус – збирката огледи „Просто и строго – Конески“ од колегата Иван Антоновски. Сите знаеме дека не е воопшто лесно за Конески да се пишува „просто и строго“, но Антоновски ни покажува дека денес тоа не е само потребно ами и возможно. Научните статии и огледи од кои е сочинета неговата најнова книга со строга акрибичност, со прецизна научност, но и со топла непосредност ги истражуваат книжевните дела на Конески, помагајќи ни да ја насетиме нивната „скриена смисла“ – подвлекува Владимир Мартиновски.