Овој четврток, во 20 часот, оркестарот на Филхармонијата ќе го одржи концертот насловен „Младите доаѓаат“, на кој ќе настапат ученици од државните музички училишта. Диригентка е Дијана Илкоска Имери, а на програмата се дела од А. Крепин, В. Пихл, Ф.А. Хофмајстер, В.А. Моцарт, Џ. Росини, Х. Виењавски, Д. Мијо, Е. Лало и С. Прокофјев.
Како солисти ќе настапат Ѓорѓи Димовски – саксофон (III средно, ДМУ, Битола), Итан Георгиев – контрабас (III средно – ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје), Леона Кондратенко – виола (IV средно, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје), Јаков Ангелов – виолина (IV средно, ДМБУЦ „ИлијаНиколовски-Луј“, Скопје), Наум Палоски – кларинет (III средно, ДМУ „Тодор Скаловски-Тетоец“, Струга), Симеон Гошев – виолина (IV средно, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје), Григори Ангелов – саксофон (IV средно, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје), Магдалена Дрмач – виолончело (II средно, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје) и Гоце Златев – пијано (II средно, ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје).
Дијана Имери Илкоска (1988) е една од најнадежните македонски диригенти. Своето образование го стекнува на Факултетот за музичка уметност – Скопје каде што дипломира во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар (оркестарско диригирање во 2014 г., хорско диригирање и музичка теорија и педагогија во 2011 г.), а магистрира во класата на проф. Борјан Цанев во 2018 г. Уште во студентските денови интензивно работи како асистент на маестро Ѓумар со Симфонискиот оркестар на ФМУ, а бележи настапи на повеќе престижни подиуми, меѓу кои и фестивалите Охридско и Скопско лето со Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија.