Кон концертот на камерното дуо Павлина Сениќ, сопран, и Кристијан Бадаровски, пијано, од Република Чешка
Рецензија
Во рамките на меѓународниот фестивал на камерна музика „Класика – Струмица 2025“ се претстави камерното дуо Павлина Сениќ, сопран, и Кристијан Бадаровски, пијано, од Чешка. Фоајето на НУЦК „Антон Панов“ беше преполно со публика, која со нетрпение го очекуваше настапот на овие гости на фестивалот поради атрактивната програма и поради убавата најава во медиумите. Концертот започна со „Две цигански мелодии Оп. 55“ (бр. 4, 5), две разиграни, весели мелодии од композиторот А.Дворжак, кои беа една прекрасна увертира за сето она што следуваше.
Втората композиција беше „Прелудиум“ за пијано бр. 1 од Г.Гершвин, позната композиција за публиката, каде што пијанистот покажа исклучителна точност, прецизност и емоција, која допре до сите во публиката. Програмата продолжи со уште две дела од истиот композитор и тоа „Summer time“ и „I got rhythm“ за глас и пијано, каде што дуото ја покажа својата заедничка позитивна енергија и увежбаност, т.е.професионалност на високо ниво.
Пијанистот со македонско потекло Бадаровски се претстави и како композитор со три негови композиции од неговиот издаден албум „Abeceda“, каде што можевме да слушнеме религиозни композиции инспирирани од Библијата, што беше вистинско задоволство да се слушне и допре длабоко во душата дури и на секој обичен слушател.
Прекрасната оперска дива Павлина Сениќ, раскошна во секоја смисла на зборот, и по ставата и по гласот, дојде до посебен израз со исполнување на аријата на Лаурета „O mio babino caro“ од операта „Gianni Schicchi“, аријата на Музета „Quando m’en vo“ од операта „La Boheme, R.Leoncavallo“ – „Mattinata“, арии што секогаш се на репертоарот на концертните солисти, кои ги исполни одлично. Како последна композиција беше исполнета неминовната „Con te partiro“ од композиторот Ф. Сартори, по која следуваа долги овации, громогласен аплауз и воодушевување од многубројната публика, која го преполни фоајето на НУЦК „Антон Панов“.
Тргнувајќи од сета таа заедничка емоција и восхит, прекрасното камерно дуо ја почести струмичката публика со една македонска композиција на бис, „Брала мома капини“, која, се разбира, побуди уште подлабоки чувства кај секој присутен. Се случи посебна магија и Струмица дефинитивно стана побогата со уште едно од многуте музички искуства. Овој концерт ќе остане врежан длабоко во нашата меморија и во архивата на меѓународниот фестивал на камерна музика „Класика“ , кој од година на година постојано расте, како во квантитет, така и во квалитет, со што овој фестивал сериозно се наметнува на македонската културна сцена, а струмичката публика заслужено се насладуваше во досегашните настапи на познати камерни состави од земјава и од странство. Viva la musica!
Елисавета Бончева