Еден од најреномираните современи џез-композитори и диригенти, Мајк Холобер, на 18 март ќе настапи со Националниот џез-оркестар, претставувајќи го својот најнов и исклучително значаен проект „This Rock We’re On: Imaginary Letters“. Концертот ќе се одржи во Национална опера и балет, со почеток во 20 часот, под диригентство на самиот автор.
Холобер е препознатлив по својата виртуозност, изразена оркестарска визија и длабока музичка чувствителност. Неговиот проект е оценет како „монументално ремек-дело“ и „мајсторска лекција по композиција за џез-оркестар“. Во ова дело, Холобер создава впечатлив спој на два музички света, вметнувајќи ја суптилната естетика на современата класична музика, нагласена преку интимната камерна звучност на виолончелото, пијаното, вибрафонот и вокалот, во моќната и динамична енергија на биг бендот.
Делото претставува длабока уметничка рефлексија за убавината на природата и судбината на планетата. Конципирано е како циклус од таканаречени „замислени писма“ посветени на писатели, уметници и активисти, кои својот живот го поминале во восхит и грижа за планетата. Секое писмо е проследено со инструментална оркестарска интерпретација што ги продлабочува и музички ги отсликува неговата содржина и поетска димензија.
Гости солисти на концертот ќе бидат Андријана Јаневска (вокал), Кирил Јосифов (виолончело) и Влатко Нушев (вибрафон и перкусии). Овој концерт претставува исклучителна можност за непосредна средба со едно од најзначајните современи остварувања за џез-оркестар, во изведба на Националниот џез-оркестар и под диригентство на Холобер.































