Сузана В. Спасовска, поетеса
Книгата песни „Кадуцеј и лира“ излезе минатата година, во издание на издавачката куќа ВИГ „Зеница“ од Скопје. Таа е седма стихозбирка на поетесата Сузана В. Спасовска и се вбројува во типот на митолошка поезија. Во нејзината книга не се во фокус само митовите од античката митологија тука се засегаат и општи мотиви што се чести во поезијата – независно дали се од митолошка, библиска или историска провениенција.
Што се крие зад насловот „Кадуцеј и лира“?
– Долго време мислев како да ја насловам книгата. Затоа се решив за два симбола карактеристични за античката митологија. На едната страна го имаме кадуцејот, како стап на гласникот на боговите, во случајот на Хермес, а од другата страна ја имаме лирата како музички инструмент, која најчесто се смета за придружничка на Орфеј. Отпосле видов дека една важна книга есеи на мексиканскиот поет Октавио Паз од 1956 година е наречена „Лак и лира“. Оние што имаат познавање од митологијата, знаат дека тоа се парадигматични обележја на одредени антички митски ликови. Митологијата е комплексен систем на приказни и ликови и нивните односи, мрежа во која секогаш одново се открива некој нов слој, така што јадрото на асоцијации и значења се проширува и продлабочува. Секако, книгата понудува и ново можно читање на митот, нова и можеби досега непозната интерпретација на одредени митски содржини. Од денешна гледна точка, самиот наслов претставува мала загатка, во која современиот читател треба да проникне, но во исто време и да ги најде песните што произлегле од тие симболи.
Што ви беше најсилна инспирација додека се нижеа песните?
– Уф, тоа е како едно духовно патување, поточно како некоја авантура низ митските обрасци – еден лик секогаш ве води до друг – просто ќе се зачудите како сѐ е поврзано со сѐ. Од една страна ги имате ликовите на боговите, божиците, титаните, хероите, тука може да се сретне и едно влијание од египетската митологија, да речеме песната „Сфинга“, а од друга страна имате неименувани ликови чиишто приказни би требало да се препознатливи за читателот, но сите тие се во проникнувачки и заемни врски едни со други. Тоа е огромен систем на односи, еден лик упатува на друг. Се надевам дека тоа поврзување на ликовите нема да претставува товар за читателите. Секоја асоцијација што ја буди песната е важна за да се добие длабинско читање. Не би можела да кажам дека книгата е мал вовед во античката митологија, попрво би се рекло дека е мал поетски потсетник на вечните митски теми.
Што најчесто опејувате?
– Во претходните книги доста време се занимавав со женската перспектива на библиски и историски ликови, општо со женската природа, но оваа книга е малку различна токму во тоа што овде се пројавува и машката перспектива на одредени митски ликови – како на пример Херакле. Голем дел од песните и не ги обелоденува ликовите за кои се пее, така што тоа му е оставено на самиот читател да го открие. Знаењето за митовите тој може да го добие не само преку образованието туку и од митските клишеа во популарната култура, од визуелните медиуми, дури и од рекламните кампањи. Буквално, митовите можете да ги видите секаде и да разберете за нив од секаде, впрочем, тоа е дел од културното и книжевно светско наследство. Некогаш сакам да пародирам или иронизирам некои митски општи места, но повеќе сакам да фрлам нова светлина низ една современа призма – приказната за Ное да ја доведам во врска со ноево јајце, или Атлас да го претставам како првиот астроном, или пак во заслепените рибари да се види ликот на Нарцис наднесен над водите. Нема да звучи чудно ако кажам дека некогаш и самата сум влегувала во ликовите од античките митови и сум добивала некои други искуства – Евридика, Семела, Ехо, но да не откривам докрај, да оставиме нешто и на имагинацијата на читателите.
Низ каков креативен творечки процес поминува една ваша песна?
– Ако добро ги познавате некои од приказните на античките митски ликови, ќе видите дека некои од нив завршуваат трагично. Мојата намера беше или да го оправдам тој трагичен крај или да го видоизменам митот, бидејќи самиот мит дава добра почва за негова обработка или преработка. Едноставно, митот, како што било во сите времиња, секогаш е предмет на нова интерпретација и доживува една современа верзија. Креативниот жар на книжевноста лежи токму во тоа лично толкување на митските, библиските и историските обрасци, како нова интерпретација на општопознатите приказни. Песната ја има таа привилегија да се сконцентрира или фокусира на еден аспект од митот и да го развие во минимит или лирски мит, да го сврти вниманието на читателот на тој, можеби неважен, детаљ и да му даде современа контекстуализација, да го облагороди со денешно, модерно сфаќање. Дури и да направи лична интроспекција преку одреден мит. Конечно, целиот митски систем може да се сфати како симболички лавиринт, а секоја песна како обид за излез од него.
Има ли часови во кои имате силни творечки напливи?
– И од искуството на постарите поети се знае дека поезијата не бира ни место ни време за сопственото пројавување. Поетите пишуваат по повик на музите. Се разбира, и поетесите не се имуни на тој повик. И никогаш не биле. Само што официјалната книжевна историја не ги регистрирала бидејќи тие ја превреднувале женската позиција, им давале глас на женските ликови во книжевноста. Таков глас особено во 20 век поетесите му даваат на ликот на Евридика, а секако претходно таква гласовност добивале и некои библиски женски ликови, во одбрана на женските становишта. Тоа значи дека и мојата творечка преокупација најчесто е предизвикана од некои актуелни, анахрони, застарени или неразбрани шаблони на мислење и однесување не само за женската улога во општеството и семејството туку многу повеќе како тие конзервативни сфаќања знаат да го обликуваат и денешното однесување на современиот човек, особено во помалите конзервативни и патријархални средини. Иако оваа книга многу повеќе говори низ машкиот лирски субјект, покрај женскиот, има и безлична перспектива, што ја зголемува наративноста на поетскиот текст и му дава облик на една модерна минибајка, како што е на пример песната „Аресовата ќерка“.
Дали ја доживувате поезијата како гума за спасување?
– Поезијата понудува поинакво доживување и чувствување на стварноста. Затоа е неопходна во време на сурови услови на живеење. Поезијата има моќ и да го поткрене прагот на соживување и сочувствување со светот, во време кога човекот, соочен со дигитализација и вештачка интелигенција, како да се одделува од својата хумана природа, како да се обездушува. Најголемите умови во поезијата наоѓале не само вечна инспирација туку и лично душевно смирение. Само онаа поезија што се занимава со вечните теми успева да ги заинтригира висококултивираните духови, како што вели проф. Ферид Мухиќ во рецензијата, да ги преброди премрежињата на векот и да опстои низ времињата.