Промовирана „Шепоти во бездната“ на Мартина Додевска

Книгата „Шепоти во бездната“ на нашата млада авторка Мартина Додевска, која излезе лани во октомври 2024 година, а нејзиното објавување беше најавено и во весникот „Дефине либере“ што излегува во Франција и во женевскиот регион во Швајцарија, беше промовирана вчера во Скопје. Неколку недели пред книгата да биде достапна за поширок читачки аудиториум, темите за кои се пишува во книгата биле предмет на квалитетна дискусија на низа настани организирани во Швајцарија
Француско-македонската авторка Мартина Додевска ја претстави пред читателите оваа збирка на интроспективни приказни што ги истражува сложените теми поврзани со менталното здравје, идентитетот и со внатрешните борби. Таа почнала да ги пишува приказните на само 19 години. Во книгата таа истражува теми како што се осаменоста, идентитетот, самоприфаќањето… Авторката ја опишува книгата како средство за отворање дијалог за предизвиците на менталното здравје, тема што често е табу, но денес е повеќе од неопходна. Книгата има цел да поттикне разговори за темите на менталното здравје и интроспекцијата.
Мартина потекнува од Куманово. На 19-годишна возраст се преселила во Каен, каде што дипломирала психологија на Универзитетот „Каен“ во Нормандија. Студиите и истражувањата биле насочени кон клиничка психобиологија – научна дисциплина што ги проучува биолошките основи на менталните нарушувања. Трагајќи по подобри можности, животот ја навел да живее и да работи во градови како Париз, Лион, за да се пресели во Гренобл, кој се смета за француски научен и технолошки центар, а на Универзитет „Гренобл – Алпи“ продолжила со специјализирани мастер-студии за инженер по информатички науки.
„Нова Македонија“ ќе објави фељтон во неколку продолженија со делови од книгата „Шепоти во бездната“ избрани токму од младата авторка Мартина Додевска, преку кои читателите на нашиот весник ќе се запознаат со интересни ликови, нивни дејства и психолошка анализа…