ВТОРО ИЗДАНИЕ НА „ОД ОНАА СТРАНА НА НЕБИДНИНАТА“ ЗА АЦО ШОПОВ
Издавачката куќа „Дијалог“ објави второ издание на книгата „Од онаа страна на Небиднината: разговори за Ацо Шопов со Светлана Шопова“ од Иван Антоновски. Второто издание на книгата се објавува по само неколку месеци од првото, кое веќе е исцрпено по големиот интерес на читателите и одгласите на македонската книжевна наука и културологија, а предизвика забележлив интерес и надвор од Македонија.
Академик Ала Шешкен од Универзитетот „Ломоносов“ во Москва нагласува дека „Од онаа страна на Небиднината“ е врвен придонес за македонската книжевност и култура.
– Нема да згрешам со тврдењето дека ова е бесценето издание. Книга што е благороден и вистински патриотски чин, без удирање во гради. Со неа се спасени од заборав безброј драгоцени моменти од животот на голем поет. Благодарение на „Од онаа страна на Небиднината“, за современата македонска генерација и за идните поколенија, Ацо Шопов е сочуван како жива личност, доближена со илјадници детали. И ние, странските читатели добивме можност подлабоко да го разбереме овој поет класик, бидејќи за првпат стануваат достапни важни детали за конкретни песни и за неговото творештво во целина. Добивме подлога за вистинска биографија на Шопов – напоменува академик Шешкен.
Според универзитетската професорка и книжевна критичарка Лидија Капушевска-Дракулевска, Светлана Шопова е нашата Софија Толстој или Надежда Мандељштам, а како автор, Иван Антоновски пројавува извонредна упатеност во животот и делото на Ацо Шопов и фасцинираат неговата идејна концепција и творечка вештина во книгата.
– Оваа невообичаена, но искрена, „отворена“ книга е клучна за чување и негување на меморијата не само на Ацо Шопов туку и на нашата културна историја. Зашто, богатиот фактографски материјал, покрај тоа што ги портретира ликот и делото на Ацо Шопов, дава и една панорама на состојбите во македонската книжевност од втората половина на 20 век. Оттаму, интенцијата на овие разговори е да бидат влог во нашето културно наследство и репер за грижата за тоа наследство. Книга што е редок и скапоцен дар, кој на читателите им нуди книжевна, културна и општествена авантура од најпрефинет вид – оценува во својата рецензија Капушевска-Дракулевска.
И според универзитетската професорка и книжевна критичарка Весна Мојсова-Чепишевска, разговорите во оваа книга се еден вид биографија или обид за вистинската биографија на Ацо Шопов, иако, како што се наведува и во книгата, „сета биографија, тој ја запишал во своите стихови…“, но она што во оваа книга го посведочи Светлана Шопова за него не може никој друг.
– Книгата „Од онаа страна на Небиднината“ добива визура на оној ткаеж на кој инсистира и Блаже Конески во својата „Везилка“. Оваа книга е „прост и строг“ дијалог, „прост и строг“ муабет, „меѓу времињата – она на Шопов и денешното“ и „меѓу генерациите“. А тоа значи дека Антоновски требало темелно да го исчита Шопов и на тој начин таа сложеност да ја совлада и потоа да ја издигне, да ја трансформира до едноставен разговор. Зашто само на тој начин можел да ѝ биде донекаде рамноправен соговорник на Светлана Шопова и да знае кога и како треба да ја поттикне на одредени моменти, кои, ете, таа сака да ги претрча или едноставно да не ни ги открие докрај – истакнува Мојсова-Чепишевска во својата рецензијата.
Според универзитетската професорка Луси Караниколова-Чочоровска, воодушевувачки е колку во оваа книга детално и прецизно се опишуваат живеењето и дејствувањето на поетот Шопов.
– Моето длабоко убедување по однос на книгата „Од онаа страна на Небиднината“ е дека таа конечно ќе ги осветли „темните“ и ќе ги „расчисти“ тешко проодните места во поезијата на Шопов, кои, за волја на вистината, ниту се тешки ниту пак темни, ако се има волја длабоко да се навлезе во суштината на поезијата и суштината на поетовото суштествување – нагласува Караниколова-Чочоровска.
И второто издание на „Од онаа страна на Небиднината“ е објавено во соработка и со финансиска поддршка од Фондацијата „Ацо Шопов поезија“. Откако првото издание се случи по повод сто години од раѓањето на Шопов, ова издание се случува во годината кога се навршуваат осум децении од објавувањето на неговата прва книга „Песни“ – прва книга на македонски јазик во слободна Македонија. Следниве денови книгата веќе ќе биде достапна за читателите во книжарниците. В.Д.