Еден од највлијателните џез-фјужн ансамбли на Балканот, Васил Хаџиманов Бенд, го претставува новиот студиски албум „Keyf“, во издание на „Kроација рекордс“.
Оваа исклучителна група музичари долги години ја воодушевува публиката ширум светот со својот уникатен звук и енергија, а нивниот нов албум повторно ни носи интересни музички гости, иновативни аранжмани, автентична звучна естетика и, како и досега, креативни експерименти со различни музички насоки и ритми.
Албумот „Keyf“ е осми студиски албум на бендот, а содржи девет песни во продукција на Васил Хаџиманов, Марко Периќ и Тони Китановски. Музичките наслови, како насловната „Keyf“, „Gypsy“, „Afghan Samba“, „Helidoro’s Recipe“ и „Mente Pura”, ќе ги потсетат сите љубители на добрата музика зошто бендот на Васил Хаџиманов ја изведува својата музика на сцените низ целиот свет и зошто токму нивната музика во Србија е прогласена за уметничко дело од национално значење.
Освен на продуцентите, Васил упатува посебна благодарност до сите оние прекрасни луѓе кои направија да се случи овој албум: старите членови на бендот Бојан Ивковиќ и Бранко Тријиќ.
Специјални гости се Марта Хаџиманов, Љубомир Милановиќ, Александар Петров, Газменд Бериша и повторно Тони Китановски.
Нови членови на бендот се Растко Обрадовиќ и Ратко Даутовски, кои ќе го изведуваат овој материјал, заедно со Мирослав Товирец и Виктор Филиповски и, секако, со Васил Хаџиманов.
Васил Хаџиманов е музичар со уникатен сензибилитет. Како пијанист, композитор, аранжер и педагог, тој е незаменлива алка на регионалната џез-сцена и поединец кој носи дел од неговите предци, кои секој на свој начин, ги одбележаа музичките простори на Балканот, во нераскинлива серија на чувари, изведувачи и нови толкувачи на традицијата.
Потпирајќи се на богатото искуство на фолклорот, кое, според него, е „музика од која не треба да се срамиме, туку, напротив, таа треба да се поддржи и да се даде повеќе простор“, Васил Хаџиманов секако е автор кој правилно ја воочил пораката од неговите претходници и ја преточил, инспирирајќи се од неа, во автентичен музички израз.