„Кенди“ е љубовна приказна, но истовремено е сурово истражување на животот со зависност и приказ на времето во кое живееме, вели режисерката Стојаноска
Тамара Стојаноска, режисерка
На 24 јануари е закажана трета изведба на претставата „Кенди“ во Младинскиот културен центар (МКЦ), во 20 часот. Дуодрамата „Кенди“, базирана врз романот на Лук Дејвис – „Кенди: роман за љубов и зависност“, е претстава на „Златен Елец“, а зборува за опијатната зависност кај младите. Претставата е во режија на Тамара Стојаноска, која исто така се потпишува на адаптацијата на драмскиот текст. Главните улоги во претставата ги играат Бобан Алексоски и Лео Поповиќ.
Со ваши зборови, каква претстава е „Кенди“?
– Кенди е љубовна приказна, но истовремено е сурово истражување на животот со зависност и приказ на времето во кое живееме. Претстава што говори за младиот човек денес, за борбата со болеста зависност и дискриминацијата што доаѓа со неа, за недостатоците во здравството и за тие што немаат поддршка, за сите млади луѓе што се чувствуваат заглавено во машинеријата на системот. Кенди е како Ромео и Јулија + хероин.
Станува збор за дуодрама. Лео Поповиќ и Бобан Алексоски прикажуваат анатомија на една љубов. Каков приказ на љубовта се дава во „Кенди“?
– Љубовта како тема е водечка сила во нашата претстава. Прикажуваме различни временски етапи од една љубовна врска, која со текот на времето се изобличува поради заедничката борба на ликовите со зависноста, која станува главна водилка за преживување. Во „Кенди“ освен за романтична љубов, зборуваме и за потребната поддршка и разбирање од страна на најблиските, семејството и општеството.
Беше ли тешко да се направи адаптација на романот на Лук Дејвис (Candy: A Novel of Love and Addiction)? Кој ви беше најпредизвикувачкиот момент?
– Ова е проект што знаев дека сакам да го работам уште од првото читање. Станува збор за еден многу јасен и искрен роман, фантастично напишан, испреплетен со поезија и вистина. Исто така, од почетокот знаев дека сакам да го работам ова со Лео и Бобан, посветени млади актери со желба за искрено создавање и подготвеност за вадење емотивни вистини на сцена. Адаптацијата на романот се случи многу спонтано, служеше како почетен скелет, кој потоа заедно го работевме и полневме со актерите. Во претставата вметнавме и многу материјали од „ХОПС – Опции за здрав живот“ – Скопје и авторски текстови што многу појасно ја отсликуваат општествената слика кај нас кога станува збор за зависноста и младите. А најпредизвикувачкиот момент е можеби самата осетливост на темата и тоа како ќе биде прифатена од страна на публиката во иднина.
Фокус на претставата е опијатната зависност. Што ве иницираше да се занимавате со ова прашање и од каква помош сакате да им бидете на младите, на нивните семејства?
– Самата тема на романот ме однесе кон истражување на состојбата со користење дроги кај нас и не сакав да работам претстава со ваква тема, а да не вметнам барем малку активизам и да му помогнам некому преку претставата. Имам чувство дека зависноста како тема е сѐ уште табу кај нас, недоволно разработена и несериозно сфатена и премногу инфестирана со дискриминација. Зависноста е болест и треба да се третира така, а не да се заборава и покажува со прст. Поради тоа, инсистирав на соработка со здружението „ХОПС – Опции за здрав живот“ – Скопје, за да имаме во тимот професионалци што ќе ни помогнат во точното прикажување на нештата и едноставно за да се зборува за ова здружение, кое секојдневно им помага на многу луѓе.
Кои пораки се провлекуваат низ претставата? И на какви општествени пропусти ни укажува?
– Претставата ни ги покажува борбата со зависноста, психичките и физичките симптоми, како и недостатоците во здравството околу оваа тема, односот кон пациентите, недостигот од лекови како налаксон, кои би можеле да спасат животи и дискриминацијата од страна на општеството. Со зависноста доаѓаат и голем број здравствени ризици, социјални ризици, правни и економски ризици околу кои луѓето треба да бидат информирани за своја заштита. Сметам дека доколку уметноста има шанса да зборува за важни теми и преку какво било уметничко дело гледа дека може да му помогне некому, треба да ја искористи таа шанса. „Кенди“ е претстава што искрено ги покажува системските грешки околу една заборавена тема и дава порака за надеж. Надеж за подобро.