Излезе „Прес енд плеј“ на Ненад Георгиевски

Во просториите на „Аудиокултура“, вечерва во 19.30 часот, ќе биде промовирана книгата „Прес енд плеј“ на Ненад Георгиевски. Книгата ја претставува македонската музичка сцена преку серија рецензии и текстови напишани во период од 20 години за странски публикации, како „Ол абаут џез“ и „Винтиџ кафе“. Таа е збирка од авторски текстови што даваат детален увид во креативните активности на македонските музичари и нивните дела. Книгата за првпат беше објавена во јули 2020 и ова е второ, дополнето издание.
Самата книга е калеидоскоп од луѓе чии таленти, идеи и дела оставиле свој белег во Македонија и надвор од неа. Овие содржини ги испитуваат нивните амбиции и достигнувања, почнувајќи од инспирацијата со која создавале, оригиналноста, искуствата, начинот на работење, па сè до избраните решенија како илустрации, дизајн, визуализации.
Публикацијата се состои од рецензии на албуми, на концерти и на фестивалски настапи на изведувачи, меѓу кои: Влатко Стефановски, „Леб и сол“, Кирил Џајковски, „Фолтин“, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Националниот џез-оркестар, Џон Апелгрен, Зоран Маџиров, „Анастасија“, „Чалгија саунд систем“, „Проект Жлуст“, Сашо Поповски и „Стринг форсис“, „Љубојна“ и многу други, потоа на фестивали како „Скопскиот џез-фестивал“, „Офф-фест“ или на концерти на македонски изведувачи во држави како Србија, Хрватска, Грција, САД. Потоа, тука се критички осврти за видеоизданија, како и за книги од визуелните уметности, како „Џезтетика“ на Татјана Ранташа или „Клауд арејнерс“ на Жига Коритник.
„Прес енд плеј“ ја прикажува македонската музичка сцена како уникатен спој од традиционални и современи елементи, културни влијанија и иновации. Преку рецензиите и текстовите, читателот добива увид во богатството и шаренилото на музичката култура во Македонија, како и во специфичните стилови и звуци што ги прават македонските музичари препознатливи на глобално ниво. Со своите содржини, книгата претставува единствен извор на информации за македонската музичка култура, напишани на англиски јазик, и платформа достапна за милиони читатели.
Книгата е дело на новинарот Ненад Георгиевски, кој е добитник на наградата за публицистика за 2023 г. „Мито Хаџивасилев Јасмин“ и е автор на уште четири книги од областа на публицистиката („Музика и муабети“, „Уште музика и муабети“ и „Ретки птици“). Издавач на книгата е „Номад-арт Скопје“, а идејното решение е на Билјана Билбилоска.