Во моментов џез-фестивалите сè помалку се поддржани од надлежните културни институции. Џез-музичарите, иако академски образовани на локалните и на странски универзитети, се принудени да вршат работи надвор од нивната примарна дејност за да бидат здравствено осигурени – нивниот статус не е регулиран, истакнуваат од Здружението на џез-музичарите и слободните уметници
Џез-музичарите ќе дебатираат
Jавна дебата на темата „Џезот како алатка за културен и интелектуален просперитет на македонското општество“ ќе се одржи денеска, од 13 часот, во Џебното кино во МКЦ.
– Ве покануваме да бидете дел од оваа дебата и заедно да се осврнеме околу неколку прашања што најмногу ја засегаат македонската културна џез-сцена – информираат од Здружението на џез-музичарите и слободните уметници.
Трибината ќе опфати повеќе аспекти за џезот. Една од темите е џезот како алатка за културен и интелектуален просперитет на македонското општество.
– Џезот комуницира отвореност, која е еден од неоспорливите елементи потребни за прогресот на едно општество. Тој не е комерцијален жанр, но крие можности, нови светови, емотивен и интелектуален раст и како таков треба да биде поддржан од институциите што ја градат културата во нашето општество.
Каков културен свет сакаме да оставиме зад себе и каде сакаме да бидеме за 10 години од сега? Токму затоа ни е потребна оваа дебата – истакнуваат од ЗЏМ.
Точки на дебатата се моменталниот статус на џезот во македонското општество и музичката сцена, како и состојбата на џез-музичарите.
– Во моментов џез-фестивалите сè помалку се поддржани од надлежните културни институции. Ова го спречува нивниот понатамошен раст во идни независни фестивали што имаат потенцијал да ја претстават Македонија на меѓународната сцена во едно културно, софистицирано светло. Џез-музичарите, иако академски образовани на локалните и на странски универзитети, се принудени да вршат работи надвор од нивната примарна дејност за да бидат здравствено осигурени – нивниот статус не е регулиран. Од интерес на културниот развој на земјата е нивниот потенцијал да биде искористен. Тие треба да бидат активно вклучени во распределбата на средства, во комисиите што одлучуваат и ги формираат културните политики на земјата – категорични се од ЗЏМ.
Следна точка за дискусија е унифицирана класификација според бројот на изданија, културен импакт, потенцијал за меѓународни соработки, учество во релевантни џез-асоцијации од ЕУ и други мрежи.
– Во овој дел би ги дискутирале критериумите за распределба на средствата и предлози за тоа како процесот да се направи потранспарентен и вистински да ги вреднува заслугите, не оставајќи простор за сомнежи за злоупотреба и фаворизам. Ќе ја отвориме и темата како да се постигне одржливост на џез-фестивалите. Поддршката на локалната џез-сцена е неопходна за да дојде до нејзин развој. Потребни се долгорочни планови за работа, кои се од интерес на сите поканети страни на дебатата – посочуваат од ЗЏМ.
Конкретни предлози и насоки за подобрување на џез-сцената се оркестар на џез-музичари со регулирани работни односи во културна институција, план и програма за развој на џез-сцената, едукативни настани. Како и формирање македонски џез-експорт, по моделот на развиените европски земји, кој ќе продуцира концертни настапи на реномирани фестивали во ЕУ, како и концерти во земјата (центри за култура, општински музички манифестации, музички фестивали финансирани од државата).
С.Ј.