Прилепскиот центар за култура доби мурал на Марко Цепенков
Во рамките на годишниот конкурс поддржан од страна на Министерството за култура, насловен „Цртај на македонски јазик“, одобрен е проектот „Јазикот коски нема, но коски крши“ на визуелната уметница Ивана Самандова. Во рамките на проектот, на објектот на Националната установа – Центар за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, во соработка со организацијата „Факултет за работи што не се учат“, се реализира муралот на Ивана Самандова, придружена од уметниците Методи Исков и Александар Џинго, а во фокусот на муралот е величината на Марко Цепенков.
– Како еден една од најбитните и најистакнати фигури во македонската историја и култура, Марко Цепенков е познат како собирач на македонски народни умотворби, кои се од големо значење за македонската фолклористика, лингвистика и етнографија. Меѓутоа, од архивата на неговите записи и лични цитати, она што е фасцинантно се токму неговите лични записи со безвременски карактер, кои до денес се релевантни во одредени општествени, социолошки и културолошки аспекти. Една од главните идеи за овој мурал е создавањето искра и љубопитност кон истражувањето и врската меѓу современиот свет и историското културно наследство. Избегнувањето на централизираноста на културата и уметноста во само еден град, како и остварувањето на соработката помеѓу Центарот за култура и локалните уметници, е стремеж кон визуелно осовремување и освежување на објектот, создавајќи ликовна композиција што корелира со предизвикот и играта на архитектурата – велат авторите.
На откривањето на муралот присуствуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која порача дека младите преку уметноста оддаваат почит кон личностите што имаат непроценливо значење за нашиот идентитет, култура и историја.
− „Цртај на македонски“ со креативни уметнички идеи го заштитува и го промовира македонскиот јазик. Насликан е уште еден мурал преку кој младите уметници оддаваат почит кон личностите со непроценливо значење за нашиот идентитет, култура и историја − рече Костадиновска-Стојчевска, која додаде дека во изминатите три години младите со своите креативни идеи на автентичен начин ги популаризираат македонскиот јазик и нашата уникатна народна мудрост. В.Д.