Меѓународен ден на лицата со посебни потреби
За одбележувањето на Меѓународниот ден посветен на лицата со попреченост, Националната галерија својата општествена одговорност во насока на подигнување на личната и колективната свест за поддршка на ранливите категории традиционално ја реализира со инклузивна програма. Годинава се одржа работилница во техника мозаик, насловена „Парче од себе“. Завршните работи од работилницата ќе бидат прикажани на изложба што ќе биде отворена денеска, во 13 часот, во мултимедијалниот центар „Мала станица“. На отворањето ќе имаат обраќање директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими, и едукаторката Маја Димитрова. Наедно, некои од учениците што беа вклучени во проектот ќе имаат музички настап.
– Секоја промена во општеството започнува првенствено од нас самите. Ако сакаме промените да се случат и вистински да функционираат, треба првенствено да ја имаме широката слика за светот околу нас, а тоа, меѓу другото, се и грижата и почитта кон сите, особено кон ранливите категории деца. Во таа насока постоењето на едукативните проекти на кои се работи според моделот на социјална инклузија се покажува како повеќе од потребно и исклучително функционално. Од година на година бараме нови начини и форми за учење, а сè со цел да се стави фокусот на нивната функционалност и нивните потенцијали – велат од НГМ.
Во амбиентот на Даутпашиниот амам се реализирани креативни работилници со децата од ДУЦОР „Партениј Зографски“, училиште за деца со оштетен слух и говор, учениците од СУГС гимназија „Јосип Броз-Тито“, паралелка меѓународна матура, СУГС „Димитар Влахов“, како и со студентите од Машинскиот факултет, отсек Индустриски дизајн.
– И годинава ни беше забавно бидејќи имавме можност да научиме нешто ново. Децата влегоа во магичниот свет на мозаикот. Под менторство на наставникот Игор Китановски, тие од стари парчиња керамички плочки создаваа комплетно нови уникатни креации. Во текот на работилниците тие го учеа процесот на изработка. Сѐ започна со скица, потоа коцкичките со различни бои и форми ги втиснуваа на сè уште свежото лепило и на крајот ги полираа. Со оглед на тоа дека мозаиците ќе ѝ бидат подарени на зоолошката градина на Град Скопје, децата се потрудија мотивите да бидат токму од нејзините жители. Панда, риба, коњ, пеперутка се само дел од овие уникатни парчиња мозаик. Радоста и возбудата дека токму нивните мозаици ќе ја красат зоолошката градина им дадоа дополнително чувство на мотивација дека и тие придонесуваат за среќата и задоволството на некои други деца. Во овој проект секое од децата го даде не само своето парче камен во создавањето на големата слика, туку даде многу повеќе од тоа. Тие дадоа парче од себе – додаваат од Националната галерија.
Изложбата ќе биде поставена до 25 декември. В.Д.