Во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, вечерва, во 19 часот ќе биде отворена изложба на дела од Синиша Новески. Изложбата е дел од годишната програма на центарот за 2025 година, поддржана од Министерството за култура и туризам.
Поставката на скулпторот и професор Синиша Новески содржи околу 20 скулптури во различни материјали, мотиви и тематики. Тие се работени во последните 20 години. Најмногу има од последниот негов циклус на скулптури наречен „Жар скулптури“, кои се направени во дрво и се доста симболични и асоцијативни и на еден метафизички начин го прикажуваат денешниот свет со елементи на македонската традиција и митологија. Тие како жар во дрвото зрачат со својата топлина и ја греат душата на посетителот и гледачот. Во неговите скулптури секогаш има некоја лиричност и порака, но и богата ликовност и естетика. Скулптурите се во мал галериски формат, но зрачат со нивната монументалност.
Синиша Новески во неговото творештво има околу 30 самостојни изложби во земјава и странство и е добитник на многу награди и признанија. Член е на уметничкиот совет на ДЛУМ и работи како професор на Факултетот за архитектура при универзитетот МИТ во Скопје. Ка.М.




































