Во Ликовната галерија при Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп денеска беше отворена изложбата „Круг и град“ од уметниците Петра Јованоска и Рафаел Ристовски.
Претставени се графики и фотографии. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.

Во заедничката изложба, Петра Јовановска и Рафаел Ристовски создаваат уметнички дијалог, каде двата различни пристапи — тој на Јовановска преку симболиката на геометриските форми и емоционалната порака, и тој на Ристовски преку урбаната фотографија со дигиталната манипулација — се спојуваат во една уникатна уметничка приказна.
Централниот мотив во делата на Петра Јовановска е кругот, кој според неа, не е случаен избор, туку симбол на креативната и животната филозофија, како и на сознанието дека совршената форма нема почеток и крај.

– Кругот ја симболизира вечноста, животниот циклус, движењето на планетите околу Сонцето, космосот и совршенството – вели Јованоска.
Рафаел Ристовски се претставува со фотографии преку кои ја истражува убавината на природата и урбаната околина, како и врската меѓу нив, и го одразува својот однос кон светот преку жанрот на градскиот пејзаж.
Ка.М.


































