Фото: Н.М.

Излезе во печат македонскиот превод на византискиот роман „Хизмина и Хизминиј“ од авторот Евматиј Макремволит, во издание на „Чудна шума“. Авторка на преводот од старогрчки на македонски јазик и на предговорот е д-р Даниела Тошева, професор на Институтот за класични студии на Филозофскиот факултет, при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Станува збор за љубовен роман во проза, кој датира од 12 век, за време на династијата Комнини.

-Кога станува збор за византиска литература многу почесто помислуваме на теолошката литература или на црковната поезија, одошто на световната литература. Исклучок од ова е историографската литература, која, пак, нема значителна естетска функција. Но, во текот на 19 век се пронајдени голем број ракописи со текстови од византискиот период, кои ја откриваат уште повеќе световната и уметничката страна на Византија. Покрај тоа, имаме и ракописна традиција, преку која се зачувани значителен број романи од последните векови на Византиската историја. Станува збор за авторски книжевни дела, како што се сатирите и романите, но и дела кои припаѓаат на народната уметност, како еповите. Со овој фонд на книжевни дела се менува сликата и за византиската книжевност, и за Византија општо, која сè уште е недоволно истражена област и во светски рамки, а кај нас особено малку. Напредок во таа насока е преводот на византиските сатири Тимарион и Мазарис пред неколку години во издание на „Панили“, кои покажуваат една интересна страна од византиското општество, непозната од другите извори, а сепак лесно можеме да ја поврземе со современото живеење – вели проф. д-р Тошева.

Проф. д-р Даниела Тошева / Фото: Филозофски факултет

Протагонистите во љубовниот роман се наоѓаат пред редица искушенија.

Романот на Макремволит вообичаено се проучува заедно со уште три други романи од 12 век, бидејќи делат заеднички карактеристики: „Роданта и Досикле“ на Теодор Продром, „Дросила и Харикле“ на Никита Евгенијан и „Аристандар и Калитеја“ на Константин Манас, зачуван во фрагменти.

-Сите четири романи имаат романтичен наратив: младите се спречени да влезат во брак, па решаваат да избегаат од своите родители и родни градови качувајќи се на некаков брод (патувањето секогаш е можно само по морски пат); градовите што ги посетуваат и од каде потекнуваат најчесто се фиктивни и не може да се препознае дали содржат алузија на некоја византиска локација. Следува бродолом, па разделба, па ропство – во кое момчињата паѓаат барем два пати – по што се става во искушение и девственоста на љубовниците; на крајот, на некој чудесен начин, тие сепак се соединуваат, притоа успевајќи да ја зачувуваат и својата чедност, односно целомудреност, збор кој има големо значење и зачестена употреба во сите романи – вели проф. д-р Тошева.

Она што го прави привлечен романот „Хизмина и Хизминиј“ за современиот читател, за разлика од типичните антички романи, е тоа што содржи суптилна анализа на чувствата и внатрешниот свет на ликовите. Дијалозите меѓу љубовниците се богати со реторика, филозофија и емотивна комплексност што може да им се допадне на читателите навикнати на современа психолошка литература.

Фото: Н.М.

-Истовремено, „Хизмина и Хизминиј“ е предвесник на еден жанр многу популарен во нововековието, односно романот. Тој е мост меѓу антиката и нововековието, во многу нешта близок со средновековните романи од Западот, а истовремено единствен според според длабочината на психолошката анализа, реторичката елеганција и специфичниот византиски светоглед што го пронижува секој аспект од нарацијата – додава проф. д-р Тошева.