Издавачот „Бункер“, во рамките на едицијата „Апсолутни почетници“, го издаде својот шести графички роман „Пјонгјанг – Патување низ Северна Кореја“ од канадскиот автор и цртач Ги Делил. Северна Кореја без сомнение е една од најтаинствените и најинтригантни земји во светот. А низата катастрофи, како природни така и оние предизвикани од човечка рака, ја направија и една од најсиромашните. Кога оваа затворена држава реши да ги подотвори вратите за странски инвестиции во почетокот на 2000-тите години, канадскиот цртач Ги Делил се затекнал во нејзината престолнина Пјонгјанг за да работи на цртан филм за една француска компанија.
– Како еден од ретките западњаци што имал можност од прва рака да го почувствува пулсот на овој надреален град, Делил ги преточил своите искуства во графички роман, кој предизвика воодушевување кај читателите и критиката и му донесе голем број признанија и награди – вели издавачот.
Објавувањето на графичкиот роман на македонски јазик го поддржа Министерството за култура. Преводот од француски јазик е на Радмила Ризова, а дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Џуровски, Тотем д.с. издавачот „Бункер“ веќе 10 години ја поседува првата специјализирана книжарница за стрипови кај нас.